1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон станува нова Меркел за Европа?

Кристоф Хаселбах
8 јануари 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел беше навикната да ја презема водечката улога во Европа. Меѓутоа, таа улога, судејќи според сѐ, сега би можел да ја преземе францускиот претседател Емануел Макрон.

https://p.dw.com/p/2qU3S
Angela Merkel Emmanuel Macron Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Sohn

Долги години Ангела Меркел беше „прва виолина“ на Европа. И тоа никој не го доведуваше во прашање. Откако Трамп победи на изборите во САД, неколку дневни весници на англиски јазик ја нарекоа Меркел „лидерка на слободниот свет“. Но тоа важеше пред неколку месеци. По германските парламентарни избори во септември, Ангела Меркел и нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ) мораа да го прифатат фактот дека загубија голем број гласови. На Меркел и натаму не ѝ поаѓа од рака да формира нова влада.

Од друга страна, Емануел Макрон е нова ѕвезда на политичкото небо. Младиот, харизматичен Макрон победи на претседателските избори во Франција. Противник во вториот круг му беше деснопопулистичката кандидатка Марин Ле Пен. Освен тоа, тој, наспроти големиот отпор, успеа да го реформира францускиот пазар на труд. Останатиот дел од работата го одработија добрите економски податоци. По првобитниот пад на популарноста, сега „љубовта“ на Французите кон него е во пораст. Во анкетата спроведена во декември по повод 40-от роденден на Макрон, мнозинството Французи оцени дека тој е добар претседател. Се чини дека Франција, земјата која долго време се сомневаше во себе, со Макрон стана посамоуверена.

Повеќе на темата:

-Дали е Емануел Макрон спасителот на ЕУ?

-Меркел и Макрон - заедно прилично силни

-Макрон сака Њу дил за Европа

Frankreich Paris Amtseinführung Emmanuel Macron
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Triballeau

Самоуверено со младите

Со оглед дека на внатрешнополитички план има поддршка, Макрон самоуверено се однесува и на меѓународната сцена: сјајна вечера со Трамп на Ајфеловата кула, прием на рускиот претседател Владимир Путин во Елисејската палата, меѓународна конференција за климата, иницијатива за политиката на ЕУ кон Африка, а сега и посета на турскиот претседател Ердоган. „Тој повторно ја игра традиционално силната улога на француската дипломатија, онаа која се ангажира ширум светот и поаѓа од тоа дека случувањата во светот ја погодуваат и оти Франција мора да учествува во нив“. Вака новата надворешнополитичка линија на Макрон ја опишува Штефан Зајдендорф, заменик-директор на Германско-францускиот институт во Лудвигсбург. Макрон, според Зајдендорф, притоа не заборава дека добива во значење само ако настапува како Европеец.

Angela Merkel Person of the Year Time Magazine
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Time Magazine

Но, Макрон истовремено делумно, а сепак прилично јасно се оддалечува од својата „партнерка од соништата“- Ангела Меркел. На пример, кога е во прашање Ердоган. Додека Меркел во септември во предизборната кампања се залагаше за прекин на пристапните преговори на ЕУ со Анкара поради кршење на човековите права, Макрон оценува дека Турција е неопходен партнер. Во моментов е тешко да се замисли дека Ердоган во брзо време би можел да го посети Берлин.

Меркел и Макрон се разликуваат кога станува збор за односот кон тешките партнери: Меркел со Трамп, Путин и Ердоган секогаш бара можност за разговор. Во тие разговори е коректна, но во протоколите по разговорите може да се забележи колку е голема дистанцата меѓу нив. Од друга страна, Макрон се обидува да импресионира со големи работи. Неговото ракување со Трамп прерасна речиси во мал скандал - Макрон едноставно не ја пушташе раката на Трамп. Тоа инаку се случи откако Макрон побара од Трамп да „направи планетата да биде повторно голема“  (Make the planet great again).

Самостојна улога е секогаш лоша за Европа

Американскиот магазин „Тајм“, кој Меркел неодамна ја нарече „Госпоѓа Европа“, сега Макрон го нарекува „наредниот лидер на Европа“. Штефан Зајдендорф смета дека е лошо ако една личност или држава во Европа се ставаат на прво место. „Секогаш постои опасност некоја земја од ЕУ, ако таа мора да преземе водечка улога, останатите членки тогаш неволно да не ја следат или воопшто да не ја следат и да си ги застапуваат националните интереси, а не интересите на еропската политика“. Токму поради тоа тој на Меркел и на Макрон ѝ советува само заедно да ја преземат таа улога. 

Макрон, според неговите сопствени кажувања, воопшто не тежнее кон таква соло-улога. Впрочем, тој и навистина порача дека сака да ја обнови Европа заедно со Германија. Меѓутоа, одговор на тој повик за реформи, тој сѐ уште чека. Макрон, инаку, меѓу другото, сака и да воведе функција на еврпски министер за финансии и заеднички буџет за еврозоната.

Frankreich Angela Merkel & Emmanuel Macron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Меркел, во принцип, навистина е отворена за соработка и за нови идеи, иако меѓу нејзините демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) владее голема воздржаност. Нејзината заменичка во врвот на ЦДУ, Јулија Клекнер, неодамна порача што мисли за вистинската причина за иницијативите на Макрон: „Ние сме против заедничко преземање на долговите на други држави. Тоа им го должиме на нашите даночни обврзиници“. Клер Демесме, експертка за Франција во Германското здружение за надворешна политика, тврди дека во Германија е широко распространето чувството - и тоа не само кај демохристијаните и кај либералите (ФПД) - дека Германија би морала да плаќа за Франција. Меѓутоа, такво прашање засега воопшто не се поставува. Сѐ додека Меркел не формира влада, таа не може ништо да му вети на Макрон, и со тоа му  ја препушта меѓународната сцена.