1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мала ѓаволска земја“: Албанија го разгневи Иран

Ани Руци | Линдита Арапи
21 јануари 2020

По ескалацијата на судирот помеѓу САД и Иран, НАТО-членката Албанија е загрижена за својата безбедност. Каква врска има малата балканска земја со големиот судир и убиството на генералот Сулејмани?

https://p.dw.com/p/3WYFo
Albanien Tirana Feierlichkeiten 10 Jahre NATO Mitgliedschaft
Албанија минатата година одбележа десет години од зачленувањето во НАТОФотографија: Ministry of Defence Repubik of Albania

„Постои една мала, но ѓаволска европска земја, во која Американците заедно со предавниците на Иран се во заговор против Исламската Република.“ Овие зборови ги изговори никој друг, туку духовниот и државен лидер на Исламска Република Иран, ајатолахот Али Хамнеи. И тоа непосредно по нападот со американски дрон во кој беше убиен иранскиот генерал Гасем Сулејмани.

Земјата за која зборува Хамнеи и која во последните денови се најде во фокусот на меѓународната политика поради заострувањето на конфликтот помеѓу САД и Иран е Албанија. Владата на оваа балканска земја членка на НАТО го поздрави убиството на Сулејмани непосредно по нападот. Веднаш потоа владата во Тирана протера двајца ирански дипломати од земјата, поради активности кои „не биле во согласност со нивниот дипломатски статус“.

 

САД и Албанија - „цврст сојуз“

Каква врска има малата држава на Јадранот со големиот светски судир? Приказната трае веќе неколку години и има врска со членовите на т.н. Муџахедин-е-Кал (МЕК). Оваа иранска организација, најчесто нарекувана „Народни муџахедини“, долго време против исламистичкиот режим во Иран делуваше од соседен Ирак.

Поради тоа што животот на членовите на МЕК по падот на Садам  Хусеин сѐ повеќе беше загрозен од ирански ракетни напади - раководството во Техеран ја смета МЕК за терористичка организација - противниците на режимот кои се сојузници со Американците со години се обидуваа да најдат место за опстанок. По долги преговори, НАТО-членката Албанија, која е најверен американски сојузник на Балканот, изрази подготвеност да прими повеќе од 3.000 приврзаници на МЕК.

По договорот постигнат помеѓу албанската и американската влада во 2013 година, тие се преселени во Албанија. Сето тоа е „дел од цврстиот сојуз со САД“, рече минатата недела албанскиот премиер Еди Рама реагирајќи на заканата на Хамнеи.

Рама смета дека приемот „Народните муџахедини“ е ризик за неговата земја, но е „ризик кој ѝ служи на честа на Албанија и претставува континуитет во албанската традиција“. Под континуитет Рама подразбира заштита на Евреите во Албанија во текот на Втората светска војна, од кои ниту еден не бил предаден на нацистите.

Albanien, Tirana: Pressekonferenz mit Premierminister Rama und Jens Stoltenberg
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и албанскиот премиер Еди Рама во Тирана (јуни, 2019)Фотографија: DW/A. Ruci

„Народните муџахедини“ никаде не се безбедни

Денес „народните муџахедини“ живеат во голем, добро обезбеден камп во близина на Драч, на нецели 30 километри оддалеченост од Тирана. Откако Иран се закани со одмазда за убиството на Сулејмани, тие живеат во страв. Безбедносните мерки во и околу кампот се значително зголемени. Правниот советник на МЕК во Албанија, Бехзад Сафари, за ДВ вели дека „народните муџахедини“ никаде не може да се чувствуваат безбедно.

Повеќе:Иранските народни муџахедини во Албанија

„Ние насекаде во светот сме загрозени од теророт на иранскиот режим. Иранската амбасада во Тирана и амбасадите во другите главни градови во Еропа се центри на терористички операции на овој режим“, вели Сафари. Според него, германските безбедносни служби потврдиле дека неговата организација е цел на иранска шпионажа.

Претставниците на МЕК во Тирана го поздравија протерувањето на иранските дипломати од Албанија. „Тоа е храбар и достоинствен чекор во борбата против тероризмот и за заштита на националната безбедност на Албанија. И, тоа претставува заштита на иранските дисиденти во егзил“, нагласува Сафари.

Последици за безбедноста на Албанија

Прифаќањето на „народните муџахедини“ во текот на изминатите години постојано водеше до тензии помеѓу Албанија и Иран. Во октомври 2019 година, на пример, албанската полиција откри терористичка ќелија со која управувал режимот во Техеран. Нивна цел - органзиација на терористички напади преотив МЕК во Албанија. Албанската полиција ја доживува таа група како дел од „Ал Кудс“, елитните единици на иранската Револуционерна гарда.

„Постои конкретна закана за Албанија од страна на иранскиот режим, посебно преку одделни сајбер и терористички напади“, тврди албанскиот безбедносен експерт Редион Ќириази. Според него, Иран за овие цели има стабилни и испробани капацитети. „Такви напади би можеле да се изведат на албанска територија, но и во други земји во кои албанските војници се дел од меѓународните трупи, посебно на Блискиот Исток или во централна Азија“, вели Ќириази за ДВ.

ПовеќеКолапс на Иран не е на повидок

Таквите акции се закана не само за Албанија, туку и за целиот Балкан, оценува советникот на МЕК, Сафари: „Во долгорочната стратегија на Иран, Балканот е капија за продор на исламскиот фундаментализам и тероризам во Европа.“

Американскиот генерал Мајкл Марберо на една безбедносна конференција на почетокот на јануари во Тирана изјави дека Албанија мора да остане будна, зашто секој сојузник на САД би можел да се најде во фокусот на Иран. Тој на земјата ѝ вети поддршка од страна на СДАД и НАТО: „Алијансата ќе реагира на секој напад кој би бил изведен против наша членка.“