1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Малезискиот премиер бара целосна истрага за авионот

Александар Методијев/ројтерс/ап26 јули 2014

Малезискиот премиер Наџиб Разак бара од проруските бунтовници да се испочитува третиот дел од договорот, постигнат по падот на малезискиот авион. За ова тој в среда ќе разговара и со холандскиот колега Марк Руте.

https://p.dw.com/p/1CjGg
Фотографија: Reuters

Наџиб Разак смета дека е потребно да се дозволи пристап до местото на несреќата за 30 истражители, кои се потребни за спроведување на целосна истрага. Малезискиот премиер рече дека проруските сепаратисти, кои го контролираат регионот на истокот на Украина во кој се случи несреќата, досега исполниле два услова од договорот со Малезија – предавање на црните кутии и враќање на телата на жртвтите. Третиот дел од договорот, постигнат со лидерот на бунтовниците Александер Бородај, се однесува на целосна истрага на лице место.

„Мојот приоритет сега е да осигурам дека третиот дел од договорот ќе се испочитува и дека на меѓународните истражители ќе им биде даден целосен и безбеден пристап до местото. За ова е потребна соработка со оние кои го контролираат местото на падот и украинските вооружени сили“, стои во изјавата на малезискиот премиер.

За оваа тема тој в среда (30.07.) ќе разговара со холандскиот премиер Марк Руте. Наџиб тогаш треба да го посети форензичкиот центар во Холандија и ќе разговара со Руте за тоа дали „малезиските патолози би можеле да бидат од помош во забрзувањето на процесот на идентификација на човековите остатоци“.

Во авионот на летот МХ17, кој беше соборен на истокот на Украина на 17.07.2014 година, имаше 43 малезиски државјани. Во оваа несреќа загинаа вкупно 298 лица – патници и членови на екипажот.