1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Nahost Zukunft

24 септември 2011

Блискоисточниот квартет врши притисок за нови мировни преговори меѓу Израел и Палестинците. Но, двете страни стојат непомирливо една наспроти друга.

https://p.dw.com/p/12fme
Блискоисточниот квартет се состана веднаш по поднесувањето на палестинското барањеФотографија: AP

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле беше видливо загрижен. Тој вчера (23.09) во Њујорк изјави дека се надева оти „овој ден нема да биде почеток на едно од најголемите заострувања на односите во блискоисточниот мировен процес“. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас претходно го поднесе барањето за полноправно членство на Палестина во ОН. Чекор, за кој што пред се‘ од САД и Израел, но и од европските држави стигна предупредување да не се презема, затоа што може да придонесе за ескалација на состојбата на Блискиот Исток. Во своите говори во ОН, Абас и израелскиот премиер Нетанјаху, ја нагласија својата волја за мир, но ги застапуваа своите познати позиции кои досега го правеа продолжувањето на мировните преговори - невозможно.

Германскиот министер за надворешни работи Вестервеле побара засилување на напорите на меѓународната заедница во процесот на посредување меѓу двете страни и тоа се случи попладнето, во форма на изјава на Блискоисточниот квартет. Квартетот, чии членови се САД, ОН, ЕУ и Русија, предложи конкретен временски план.

Во рок од еден месец Израелците и Палестинците треба да почнат со мировни преговори, а во рок од три месеци треба да бидат објавени предлози по прашањата на границите и безбедноста. „Супстанцијален напредок“ би требало да се покаже во рок од шест месеци. До крајот на 2012 година би требало да е готов мировниот договор.

Mahmud Abbas FLASH-GALERIE
Претседателот на Палестинците Махмуд Абас во ОНФотографија: picture alliance/dpa

Советот за безбедност ќе се состане в понеделник

Министерот Вестервеле ја поздрави изјавата на Блискоисточниот квартет. Преку неговиот портпарол тој порача дека останува надежта дека „со прецизно држење до роковите за почеток и тек на директните разговори, ќе се надмине застојот во преговорите на Блискиот Исток“. Сепак, нејасно е што ќе се случи доколку двете страни не се држат до роковите. Блискоисточниот квартет нема никакви овластувања. На крајот на краиштата, станува збор за предлог какви што во минатото веќе имаше. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон рече дека изјавата е „израз на уверувањето на меѓународната заедница дека праведен и траен мир може да се постигне само преку преговори“.

Затоа ЕУ и САД се обидуваа да го одвратат Абас од намерата да поднесе барање за полноправно членство на Палестина во ОН. Повеќето од земјите на Генералното собрание на ОН, меѓутоа, имаат симпатии за Абас - тој беше поздравен со долготраен аплауз. Советот за безбедност, кој сега треба да решава по барањето на Палестинците, ќе се состане в понеделник (26.09). Сепак, одлука не се очекува, туку во најдобар случај основање комисија. Дури и ако Палестинците ги добијат потребните девет од 15-те гласа во Советот, САД веќе најавија дека ќе стават вето. Значи, барањето на Палестинците е речиси без изгледи.

Demonstrationen im Westjordanland Flash-Galerie
Барањето на Палестинците е речиси без изгледиФотографија: picture-alliance/dpa

Дали Блискоисточниот квартет си го отслужи своето?

Последиците од овој чекор се‘ уште не се сосема предвидливи, и тоа не само во Советот за безбедност, туку и на страната на Израелците кои се заканија со одмазднички чекори, а и во американскиот Конгрес, каде некои пратеници најавија кратење на финансиската помош за Палестинците, која изнесува половина милијарда американски долари годишно.

Калед Елгинди од институтот Брукингс во Вашингтон, меѓутоа, е на мислење дека барањето не е толкава катастрофа како што го опишуваат многумина набљудувачи. Елгинди беше советник на Палестинците во преговорите за статусот со Израелците што се водени меѓу 2004 и 2009 година и вели дека не може да се уништи мировен процес кој не постои. „Сега гледаме дека голем дел ид меѓународната заедница дојде до сознание дека досегашните постапки не функционираа“. Чекорот на Абас „би можел да поттикне процес кој ќе донесе плодови“, вели Елгинди. Тој процес би донесол нови идеи, нови актери или поместување на влијанието на актуелните актери. Квартетот, според Елгинди, веќе со години не е ефективен механизам и е под силно влијание на САД. Сега можеби Франција или други европски земји би добиле поголемо влијание. Сепак, како што нагласува Елгидни, скорешен почеток на мировни преговори не треба да се очекува.

И Џејмс Филипс, експерт за Блискиот Исток во конзервативната фондација Херитејџ, не верува дека е можно постигнување согласност во рок од една година. Тој е уверен дека состојбата на Блискиот Исток, со барањето на Абас, е влошена. Освен тоа, подвлекува тој, „мирот не е можен се‘ додека Хамас ги има цврсто стегнато рацете околу ратот на Појасот Газа, зашто дури и Абас и Нетанјаху да постигнат перфектен договор, Хамас може да го уништи со нова рунда ракетен терор“.


Автор: Кристина Бергман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска