1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

USA Südkorea Manöver

28 ноември 2010

Кина предлага кризни разговори во рамки на шестпартитните преговори за атомската програма на Северна Кореја. Во меѓувреме, почнаа маневрите на САД и Јужна Кореја. Пјонгјанг, пак, распоредува нови ракети на границата.

https://p.dw.com/p/QKHm
Воените вежби во Жолтото море треба да траат до среда, 01.12.10Фотографија: AP

Кризната средба во рамки на шестпартитните разговори за севернокорејската атомска програма би се одржала на почетокот на декември, во Пекинг, предлага специјалниот кинески пратеник за Корејскиот Полуостров, Ву Давеи, додавајќи дека таа средба нема да значи повторен почеток на разговорите за атомската програма, прекинати во 2009 година. Во меѓувреме, тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемуваат. Севернокорејската армија на спорната поморска граница на западниот брег постави нови ракети поради почетокот на воените маневри на Јужна Кореја и САД.

Воените маневри почнаа во шест часот по локално време, а само по неколку часа од јужнокорејскиот остров Јеонпјеонг, кој беше гаѓан во вторникот, повторно се слушна артилериски оган. Подоцна беше утврдено дека се работело за вежба на севернокорејска територија и дека нема опасност за Јужна Кореја.

Karte Krise Nordkorea Südkorea Yeonpyeong Inseln Flash-Galerie

Вежбите се доволно далеку од границата

Во воените вежби кои се одвиваат на околу 150 километри од спорната поморска граница меѓу Северна и Јужна Кореја, до среда, покрај американскиот носач на авиони Џорџ Вашингтон, учествуваат и повеќе разорувачи, фрегати и воени авиони за лов на подморници. Портпаролот на јужнокорејскиот Генералштаб изјави: „Цел на вежбата е да го зајакнеме застрашувањето во однос на Северна Кореја. Сакаме и да ја подобриме безбедноста на наша територија и да ја продлабочиме американско-јужнокорејската соработка.“

Северна Кореја уште еднаш предупреди дека на секаква повреда на севернокорејскиот суверенитет или на достоинството на земјата ќе биде одговорено со гранатирање на Јужна Кореја. Маневрите кои почнаа денеска (28.11.10) се одржуваат доволно далеку од островот Јеонпјеонг за Северна Кореја да не се чувствува испровоцирана. Во Јужна Кореја се стационирани околу 28.500 американски војници. Нивниот командант, генерал Шарп, стави јасно дознаење: „Според информациите со кои располагам и според она што го видов лично, Северна Кореја го нападнала островот, а тоа е јасна повреда на договорот за прекин на огнот.“

Северна Кореја гаѓала цели кои ги сметала за воени затоа што има стари карти?

Меѓу двете држави договор за прекин на огнот има од крајот на Корејската војна во 1953 година. На интернет страницата на американските трупи во Јужна Кореја, генерал Шарп објаснува дека маневрите имаат дефанзивен карактер и дека биле планирани уште пред нападот на севернокорејската атрилерија врз островот Јеонпјеонг.

Südkorea Insel Yeonpyeong Konflikt mit Nordkorea
Оружјето ѕвечка опасноФотографија: AP

Кина, која е најблизок сојузник на Северна Кореја се изјасни против маневрите во Жолтото море и ги повика сите инволвирани страни на воздржаност. Барањето на Кина во Пјонгјанг се чини е барем делумно слушнато, зашто државната севернокорејска новинска агенција вчера покрај вообичаената воена реторика, изрази и жалење поради цивилните жртви во нападот од вторникот. Сепак, како што се вели, за тоа е виновна јужнокорејската армија која ги користела цивилите како човечки штит. За ваквото обвинување воопшто нема основа, но тоа повторно ја подгрева претпоставката дека Северна Кореја при гаѓањето користела стари карти, на кои сегашните цивилни цели се прикажани како воени објекти.

Автор: Петер Кујат/дпа/Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска