1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манифестација “Во чест на Свети Кирил“ во Рим

Емилија Тодорова Вотерс24 мај 2006

Во римската базилика „Сан Клементе“, денеска се одржа молебен во чест на Свети Кирил – светец и на православната и на католичката црква.

https://p.dw.com/p/Addv
Фотографија: AP

Црквата “Сан Клементе“ е основана од првиот христијански

римски император, Константин и датира од четвртиот век од нашата ера и за неа со сигурност се знае дека ја познавал и самиот Свети Кирил, зашто според сведоштва од различни црковни документи од тој период, тој отседнувал во нејзините конаци, во периодите во кои го посетувал Рим. Неговата слава на сесрден христијански мисионер и просветител била голема и за време на неговиот живот, за што сведочат документите во кои се опишани неговите посети. Тоа било причина подоцна токму таму да бидат положени неговите мошти.

Денеска пред гробот на Свети Кирил, митрополитот дебарско-кичевски, владиката Тимотеј, со делегација од МПЦ одржа молебен. Присутен беше и скопскиот апостолски бискуп, Киро Стојанов, целата македонска државна , предводена од претседателот Бранко Црвенковски, како и бројни гости од дипломатскиот кор. Владиката Тимотеј говореше за важноста на делото на словенскиот просветител, Кирил и на неговиот брат, Методиј. Не случајно, рече владиката Тимотеј, тие беа прифатени како светци и на источната и на западната црква. “Тие докажаа на дело дека просветителската светлина може да се дарува на многу народи и на нивниот мајчин јазик. Перспективата на христијанството, како на едно големо семејство, можеби треба да ја забележиме и во усилбите на денешна Европа, која ги подава своите раце на доверба кон сите народи кои ја почитуваат“, рече Тимотеј.

Македонската делегација во Рим престојува три дена. Попладнево македонскиот претседател, Бранко Црвенковски разговара со италијанскиот премиер, Романо Проди.