1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Манчестер Јунајтед- преголем залак за Шалке

27 април 2011

По сензационалната елиминација на Интер, „европскиот сон“ на фудбалерите на Шалке се судри со моќниот англиски гигант Манчестер Јунајтед. Во Гелзенкирген, Англичаните беа надмоќни и славеа со 2:0.

https://p.dw.com/p/114Ug
Фотографија: dapd

Експертите кои пред мечот и‘ даваа само минимални шанси на екипата на Шалке како аутсајдер во мечот со рекордерот по титули во англиската лига, Манчестер Јунајтед, сега се чувствуваат потврдени во нивните прогнози. Шалке во најголем дел од синоќешниот меч реагираше речиси уплашено и им оставаше многу простор за игра на Англичаните. Актуелниот лидер во Премиер лигата со задоволство го прифати ваквиот подарок , ја рашири играта и дојде до бројни шанси за гол. Мечот на моменти речиси се претвораше во дуел меѓу Манчестер и Мануел Нојер. Извонредниот голман на Шалке и на германската репрезентација ја спаси својата екипа од далеку поголем пораз. На крајот, сепак, беше убедливо 2:0 за Манчестер преку головите на Рајан Гигс и Вејн Руни.

Champions League Halbfinale Schalke vs Manchester
Единствено голманот на Шалке, Мануел Нојер блескаше против Манчестер ЈунајтедФотографија: dapd

На разочарување на тренерот на Шалке Ралф Рањик:

„Одигравме добри први 15 минути, при што имавме и по некоја добра шанса, по некој добар напад. Но потоа како што одминуваше натпреварот едноставно само се браневме и со секоја нова шанса за гол, Манчестер стекнуваше се’ поголема самодоверба.“

На 4 мај е реваншот на Олд Трафорд, во Манчестер. За Шалке, по домашниот пораз од 2:0, постојат само теоретски шанси за некаква сензација. Сонот за пласман во финалето во Лигата на шампионите, по вчерашниот разочарувачки настап, веројатно ќе остане само сон.

Инаку, денеска, во второто полуфинале, следува третото продолжение од „Ел Класико“ за помалку од 4 недели. На стадионот Сантијаго Бернабе, Реал Мадрид ќе и‘ биде домаќин на Барселона.

Автор: Арнулф Бечер/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска