1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартенс: Корона-кризата може да биде и шанса

БГ
29 март 2020

Владата во оваа ситуација не смее да штеди, вели директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава Патрик Мартенс за ДВ. Фирмите треба индивидуално да се поддржуваат за да се избегнат злоупотреби, вели тој.

https://p.dw.com/p/3a6D8
Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft
Фотографија: Marija Radevska

ДВ: Неколку германски компании во Северна Македонија веќе ги испратија работниците на принуден одмор. Имате ли податок колку компании се во моментов директно погодени со кризата и колку работни места се загрозени?

Патрик Мартенс: Германските инвеститори во Северна Македонија делуваат индивидуално, првиот приоритет покрај грижата за здравјето на вработените, беше да се одржи производството до последниот ден, кое функционира и до денес.
Германските инвеститори имаат обврски кон компаниите со кои имаат договори во Шпанија, Франција и останати држави во Европа и тие договори мораат да ги испочитуваат. Засега можеме да кажеме дека компаниите кои произведуваат тука успеаја да ги исполнат обврските кон клиентите и да го испорачаат договореното. Сакаме да се заблагодариме на сите вработени кои се уште активно работат и го овозможуваат функционирањето, го одржуваат производство, како и постоењето на компаниите.
Со намалување на производството на клиентите во останатите држави во Европа ќе дојде до привремено стопирање и на налозите, а со тоа и на побарувачката од фирмите во Северна Македонија.
Некои фабрики кои беа затворени низ светот како на пример во Франција, Шпанија, а се дел од синџирот на добавувачи, се токму оние фабрики од кои зависат и дел од германските инвеститори во земјата.
Сите компании со производни капацитети во земјава се погодени од овие состојби во стопанството во Европа и светот, и секоја од компаниите индивидуално е засегната од оваа новонастаната состојба. 

- 600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот

Германија со моделот кој го одбра за поддршка на стопанството, се одлучи Владата да направи партнерство со стопанството.
Германската Влада со цел да не ги принуди компаниите кои се во тешка состојба да ги отпуштат своите вработени и тие да преминат во категоријата на невработени лица, овозможи да се обезбеди за овие лица финансиска помош наречена краткорочен додаток за вработените.

Владата на РСМ гледа во оваа мерка слична можност, и тие подготвуваат мерка со која ќе се субвенционираат вработените во временски период од два месеци. На прашањето колку работни места се загрозени, не можам да Ви дадам одговор. Одговорот ќе го дознаеме штом знаеме колку ќе трае кризата. Колку подолго трае кризата толку повеќе работни места ќе се загрозени.
Во рамките на дадените можности, ќе гледаме да се воспостави производството што е можно поскоро. Сето тоа зависи од рестартирањето на фабриките во Европа и светот, но многу зависи и од состојбата со ширењето на вирусот. Но колку подолг период се затворени фабриките, толку е поголем ризикот дека тие ќе опстојат.

ДВ: Мерките кои досега ги најави владата беа многу критикувани во јавноста. Што според Вас би помогнало во овој момент за да преживеат компаниите? Какви мерки предлагате вие?

Мерките кои беа предложени во првата фаза од страна на Владата, не беа критикувани.
Ние како Делегација на германското стопанство во Северна Македонија овие денови сме гласноговорник за интерeсите на германските инвеститори во оваа земја. Во оваа улога ги комунициравме сите прашања и грижи со кои се соочуваат компаниите  во однос на мерките и истите ги разгледуваме заедно со Владата. Засега не може точно да се предвиди кои ќе бидат последиците врз стопанството односно врз компаниите. На компаниите ќе им биде потребна индивидуална поддршка од страна на Владата за да можат да преживеат.
Строга политика на штедење на државниот буџет е нешто најлошо што може во овој момент да му се случи на едно општество, како и на стопанството.
Не треба да се води политика за поддршка на стопанството која ќе биде за сите еднаква, таква политика во моментов не е оптимална, сметам дека треба да се даде индивидуална поддршка онаму каде што најмногу е потребна, за да не дојде и до злоупотреба на мерките.

Patrick Martens, Mazedonien, DMWV Delegierter der Deutschen Wirtschaft
Не треба да се води политика за поддршка на стопанството која ќе биде за сите еднаква, вели Патрик МартенсФотографија: Marija Radevska

ДВ: Сметате ли дека државата има финансиски можности да ги задоволи барањата на приватните компании со оглед на тоа што Северна  Македонија е релативно сиромашна и буџетот е ограничен? Како мала земја како Македонија да се справува со ваква огромна криза?

Врз основа на позитивниот стопански развој во измината година, за кој свој придонес дадоа и странските инвеститори, државата има резерви на кои може да смета и кои сега треба да ги искористи. Овие резерви ќе делуваат позитивно за брзо опоравување на општеството и стопанството по кризата. Во моментот кога стопанството ќе се опорави од кризата, ќе биде во состојба со средствата кои ги праќа во буџетот да ја спаси државата. 
- Владата ќе жонглира меѓу потребите на фирмите, буџетот и работниците

Државата истовремено не може на долг рок да го финансира стопанството. Главна цел е во најкус може рок да заживее стопанството, да се постави соодветна временска рамка, каде што ќе се знае до кога државата ќе го поддржува стопанството и од кога стопанството ќе биде во состојба да и помогне на државата.
ДВ: Можат ли германските компании во земјава да се надеваат на поддршка и од матичната земја- Германија?

Државна поддршка од Владата на СРГ претпоставувам дека ќе важи само за мајките компании, компаниите кои се правно независни во моментов не може да сметаат на финанска поддршка од СРГ, тоа значи дека компаниите ќе мора да преживеат во рамките на буџетот на својата компанија и поддршката од националните Влади.
Независно од досегашната поставеност на глобалните синџири на добавувачи, тие по завршувањето на кризата со коронавирусот на светско ниво ќе бидат поставени по други принципи. Тоа ќе претставува одлична можност за земји како Северна Македонија, Србија, Тунис и Мароко врз основа на својата близина до европскиот пазар да играат многу позначајна улога во глобалниот синџир на добавувачи и да станат уште позначајни пазари за странските  инвеститори.
Долгорочно гледано, кризата со коронавирусот може да ја направи Северна Македонија само посилен пазар за странските инвеститори.
Фармацевтската индустрија која беше фокусирана на кинескиот пазар, се покажа како фатална. Веќе сега во Германија се соочуваме со проблеми во синџирот на добавувачи со лекови. По секоја криза има шанса за нови можности и перспективи.

ДВ: Во моментов претпоставувам дека секоја држава во светот е во потрага по кредити и средства за ги покрие последиците од корона-кризата. Колку е тешко за држава како С. Македонија да најде поволни заеми од кредиторите во овој момент?

Европската унија ќе ја помогне Македонија со 66 милиони евра за борбата против коронавирусот, но Владата успеа да обезбеди и други кредити за поддршка на стопанството. Сега е најважно одговорните лица кои управуваат со тие средства брзо и правилно да ги искористат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема