1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовен туризам за кршење на човековите права

2 април 2011

Патувањето ги шири хоризонтите, но на чија сметка? Кои се политичките и економските последици од масовниот туризам? На оваа тема неодамна се расправаше на Меѓународниот саем за туризам во Берлин.

https://p.dw.com/p/R7iB
Фотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

„Туризм воч" - вака гласи името на стручната служба на Евангелистичката служба за развој, чии експерти внимателно ги проучуваат условите на патувањата и годишните одмори. Јасно е дека не е секаде се‘ регуларно: во вестите постојано читаме за т.н. секс-туризам во азиските земји, но и на Карипските острови и во Бразил. Човековите права се во многу случаи брутално прекршени.

Одговорниот на „Туризм воч", Хајнц Фукс, вели дека во туризмот често многу малкумина остваруваат заработка, а многу од нив се комплетно искористени. Тој апелира да се напуштат предрасудите дека туризмот има врска со рајот на земјата:

„Сепак, туризмот, како и секојдневниот живот, се одвива во целосна поделеност на нашиот свет", вели Фукс.

Автократските режими, притоа, немаат многу обѕир спрема локалното население кога сакаат да ги привлечат богатите туристи во своите земји. Катарина Шпис од организацијата „Амнести интернешнал" го споменува примерот на Камбоџа. Таа вели дека Камбоџа е добар пример за земја во која економската динамика се развива на сметка на сиромашните. Таа пренесува дека во оваа земја луѓето често се раселени од своите живеалишта, за да се направат места за туристички објекти.

За морално почист туризам

Хајнц Фукс нема многу добро искуство со туристичките агенции во однос на нивниот придонес за човековите права на дестинациите на понудените пакет-аранжмани. Тие се грижат за профитот, а кога во бизнисот би се воделе од строгите критериуми во однос на човековите права, многу аранжмани едноставно би требало да се исфрлат од понудите.

Тоа и‘ пречи и на Линда Поуп од организацијата „Сарвајвал интернешнал" која, сепак, не се откажува од борбата за морално почист туризам. Линда Поуп пренесува дека нејзината организација се обидува да ги информира туристичките организации за она што се случува во земјите во кои ги водат своите патници, и бара организаторот да се залага за почитување на човековите права. „Сарвајвал интернешнал“ се обидува да дејствува на различни начини, така што туристите и самите би можеле да добиваат информации и да донесуваат одлуки.

Хајнц Фукс предлага Светската туристичка организација да поднесува редовен извештај до Советот за човекови права на Обединетите Нации.

Dossierbild Urlaub Sommerferien 2
Фотографија: AP

Автор: Марсел Фирстенау / Марија Пешовска
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска