1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни протести против Мурси

ЖА/дпа/афп/ртре30 јуни 2013

Во Египет расте стравот од ново насилство. Илјадници луѓе учествуваат на протести низ целата земја. Опозицијата сака да го собори претседателот Мурси на годишнината од преземањето на функцијата.

https://p.dw.com/p/18yla
Фотографија: Reuters

Десетици илјади противници на египетскиот претседател Мохамед Мурси денеска излегоа на улиците во повеќе градови, барајќи негова оставка.

Голем број граѓани се уверени дека масовните протести ќе го означат почетокот на нова револуција во земјата. Истовремено, многумина стравуваат дека ако ситуацијата излезе од контрола, тогаш на земјата и‘ се заканува граѓанска војна.

Организатор на денешниот протест е младинското движење „Тамарод“ („Востание“), кое собра околу 22 милиона потписи против Мурси. Лидерите на движењето планираат да им ја предадат петицијата на судските органи за да започне процес за соборување на претседателот од власт. Движењето е поддржано од други опозициски сили, на прво место од најголемиот либерален Фронт за национален спас.

Ägypten Proteste Juni 2013
Фотографија: Reuters

Попладнето прво владееше напнат мир. Илјадници противници на Мурси со автобуси допатуваа на плоштадот Тахрир во Каиро, познат по Арапската пролет, односно почетокот на протестите против поранешниот властодржец Хосни Мубарак, кој беше соборен од власт на почеток на 2011 година.

Армијата предупреди дека ќе интервенира доколку се случи насилство, во спротивно ќе ја почитува волјата на народот.

Поради денешните протести и контрапротести зајакнати се безбедносните мерки. Веќе три дена армијата ги затвори копнените граници. Дополнителни воени единици се распоредени на Синајскиот полуостров, каде се наоѓаат илјадници вооружени екстремисти кои се подготвени при првиот сигнал да притекнат во заштита на исламистичката власт. Сите полицајци се, исто така, мобилизирани. Осум пратеници од Горниот дом на парламентот вчера изјавија дека го напуштаат законодавниот дом за да им дадат поддршка на противниците на Мурси.

Од другастрана, приврзениците на Мурси инсистираат претседателот да остане на власт до крајот на неговиот мандат. Претставник на Муслиманското братство, кое го поддржува Мурси, истакнува дека тој ги доби изборите со 51 процент освоени гласови. Тој во разговор за агенцијата ДПА истакна дека следбениците на Мурси нема ништо да преземат, се‘ додека протестите останат мирни. „Блокадите околу претседателската палата се црвената линија“, подвлече тој.