1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масовни тепачки меѓу бегалците во Кале

ЕМФ /агенции
2 февруари 2018

Во масовни тепачки кои избија меѓу бегалците во францускиот пристанишен град Кале тешко повредени се најмалку 17 лица, од кои повеќемина се во животна опасност.

https://p.dw.com/p/2rzBm
Frankreich Einwanderung in Calais
Фотографија: picture-alliance/dpa/MAXPPP/O. Arandel

Француското обвинителство соопшти дека четворица бегалци имаат прострелни рани опасни по живот, а најмалку 13 лица се повредени од удари со железни шипки. Министерот за внатрешни работи Жерар Колон оцени дека станува збор за насилство какво што досега „не е видено“. Колон, кој вчеравечер веднаш отпатува за Кале, рече дека ситуацијата за жителите на градот е „неподнослива“. „Во нашата земја не можеме да дозволиме да владее законот на посилниот“, оцени министерот.

Полицијата соопшти дека до првите судири дошло во текот на попладнето, кога околу сто мигранти почнале да се тепаат со шипки и камења за време на делењето храна.

Африканци нападнале Авганистанци

Втората тепачка се случила нешто потоа, на околу пет километри оддалеченост, во Марк. Таму околу 150 до 200 Еритрејци со стапови нападнале група од дваесетина Авганистанци. Полицијата морала да интервенира за да ги спаси Авганистанците.

Засега не е јасно кој почнал да пука. Минатиот ноември во Кале имаше престрелка откако избила кавга меѓу Авганистанци. Тогаш имаше петмина повредени.

Calais Räumung
Кампот наречен „џунгла“ во Кале беше разурнат од страна на полицијата во 2016 годинаФотографија: Reuters/P. Wojazer

Целта е Велика Британија

Во Кале, според проценки на хуманитарните организации, во моментов има околу 800 мигранти. Тие живеат во ужасни услови. Многумина се обидуваат да стигнат до Велика Британија скриени во камиони, преку морски пат или преку Евротунелот.

Во „див камп“ во Кале, кој полицијата го разурна во 2016 година, живееја околу 10.000 бегалци. Кампот познат под името „џунгла“ во Франција беше симбол на беспомошноста на властите да излезат на крај со растечкиот број бегалци.

Бегалската „џунгла“ во Кале