1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МАТ не доби дозвола за летови во Грција

Горан Петрески 28 јуни 2007

Македонската дипломатија реагира - Грција одби да му дозволи на Македонски авиотранспорт да лета на дестинации на грчка територија.

https://p.dw.com/p/B46Y
МАТ нема да лета на дестинации во ГрцијаФотографија: AP

Министерството за надворешни работи упати протестна нота до грчката канцеларија за врски во Скопје. Тие бараат објаснување зошто Атина ги крши европските спогодби за авијација. МАТ побарал дозвола во текот на летото, чартер да лета до Крит и до Родос. Грчките воздухопловни власти го одбиле барањето без објаснување.

Дали причините се политички?

Причините се исклучиво политички. На Грците им пречи името на авиокомпанијата, изјави за Дојче Веле директорот во МАТ Николас Кимерле „Иако во нивното писмо нема никакво објаснување зошто, јас мислам дека е поради името МАТ - Macedonian Airlines. Сигурен сум дека заради тоа не одбија.“

МНР бара објаснување

Македонското Министерство за надворешни работи вчера попладне упати нота до грчкиот конзулат во Скопје. Портпаролката Шпреса Јусифи ја објаснува реакцијата на македонската дипоматија. „Упативме нота до канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје од која побаравме официјалните власти од Грција да се произнесат по случајот односно да ни достават образложение за нивната одлука врз основа на кое ќе видиме што понатаму ќе преземеме.“

Информирана и Европската комисија

Освен од македонската држава МАТ побарал помош и од Европската комисија, а најавува тужба пред судот за економски спорови во Луксембург. Кимерле објаснува. „ Одговорот на Грците го препративме до Брисел, до комеасрот Баро одговорен за транспорт и врски. Од него во месец март добивме писмо во кое јасно стои дека Грција нема основа да ни го одбие правото за летање.“

МАТ се соочува со проблем и при прелет над Грција. Авионите на македонскиот редовен авиопревозник честопати се принудени да го заобиколуваат грчкото небо бидејќи немаат дозвола за надлетување на грчката територија. Одбивањето на МАТ е прв посериозен инцидент на релација Македонија - Грција во последниов период. Зимата Атина реагираше кога македонската влада, го преименува Скопскиот аеродром во Александар Велики.