1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мафијата пере пари преку игри на среќа

Клара Валтер/Б. Георгиевски29 јануари 2013

Мафијата во Германија ги користи онлајн игрите на среќа за перење пари, а полицијата е практично немоќна. Законите се недоречени, а државата прави многу малку за да ги спречи криминалците и да ги заштити граѓаните.

https://p.dw.com/p/17TYW
Фотографија: Fotolia/Zbyszek Nowak

Трговија со луѓе и дрога, присилна проституција, со такви и слични криминални активности мафијата заработува огромни суми пари. Според една студија на ОН, преку организираниот криминал годишно се заработуваат две илјади милијарди долари. Но, тие пари се бескорисни доколку не можат да се уфрлат во легалниот систем. Оттука, за мафијата перењето пари е од есенцијално значење.

„Перењето пари не е безначаен прекршок, туку има мултипликаторска функција за мафијата“, објаснува во разговор за ДВ економскиот експерт Инго Фидлер: 

„Да нема перење пари, не би постоела ни мафија“.

Италијанската мафија се шири кон Германија

Најчесто користен метод за легализирање на „валканите“ приходи во меѓувреме стана организирањето игри на среќа на интернет. Според Фидлер, криминалните здруженија целно купуваат или самите основаат платформи за игри на среќа. Седиштето на тие фирми воглавно е во земјите кои важат за даночни оази.

Dr. Ingo Fiedler
Инго ФидлерФотографија: Universität Hamburg

Доколку некое онлајн-казино наводно оствари милионски приход, тоа германските власти не можат да го проверат. „Нема размена на информации меѓу земјите. Никој не може да провери од каде доаѓаат парите. Но, на сопствениците на фирмите тие пари можат легално да им се исплатат“, вели Фидлер.

Во меѓувреме постојат јасни сознанија дека италијанската мафија, кога се во прашање игрите на среќа е особено активна во Германија. На таа тема минатата година „сведочеше“ и италијанскиот државен обвинител и „ловец на мафијаши“ Роберто Скарпинато. Неговите истраги откриле неверојатни парични трансфери меѓу Италија и Германија. Тој тврди дека поседува изјави на 45 сведоци кои потврдиле дека Германија е една од земјите кои мафијата ги избрала за перење пари и притоа интензивно се користат класичните и онлајн казина.

Државата не реагира

Но, експертите реагираат дека на државно ниво нема никаква реакција и дека Берлин ги остава покраините самите да се справуваат со проблемот. Од 2007. година покраините во земјата се задолжени самите да ги регулираат игрите на среќа. Тоа е одлука со далекусежни последици. Покраината Шлезвиг-Холштајн, на пример, минатата година одлучи да им понуди на фирми од ЕУ да нудат игри на среќа. Веќе на почетокот на годинава таа одлука беше повлечена, но лиценците кои беа поделени во меѓупериодот не е така лесно да се повлечат. Па сега, оние кои во покраината играат игри на среќа тоа го прават кај „лиценцирани“ понудувачи, но и во онлајн казина кои и припаѓаат на сивата зона.

Deutschland Spielbank Warnemünde
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Експертот Фидлер смета дека на ова поле нема доволно поддршка од државата.

„Нема казнени постапки против илегалните игри на среќа на интернет. Таквите активности воопшто не се казнуваат“. Тој смета дека државата нема доволно обучен персонал и дека многу малку полицајци добиваат задача да го истражуваат перењето пари на интернет.

Па така, илегалните игри на среќа и натаму цветаат во Германија, полицијата само гледа, а понудувачите немаат ни од кого, ни од што да се плашат“, заклучува Инго Фидлер.