1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Машиновозачот одбива да разговара со полицијата

Б. Георгиевски/афп/ртр27 јули 2013

Шпанската полиција вчера и формално го приведе возачот на возот кој излета од шините во средата, при што загинаа 78 луѓе. Но, тој засега одбива да одговара на прашањата за несреќата.

https://p.dw.com/p/19F6I
Фотографија: Reuters

Машиновозачот Франциско Хосе Гарсон Амо е под полициска присмотра во болницата додека се опоравува од повредите здобиени во несреќата, а обвинет е за дела поврзани со предизвикувањето на железничката несреќа во која 78 луѓе загинаа, а повеќе од 100 беа повредени.

Извесно е дека преголемата брзина е причина за излетување на возот, а како што пишува весникот „Ел Паис“, машиновозачот преку радиоврска признал дека во опасниот свиок влегол со брзина од 190 километри на час, иако на тој дел било дозволена брзина од само 80 километри на час.

Полицискиот претставник во северозападната шпанска провинција Галиција изјави дека машиновозачот досега одбивал да разговара со полициските иследници, па случајот ќе им биде проследен натаму на надлежните судови.

Шпанските медиуми јавуваат дека 52-годишниот машиновозач честопати се фалел со својата љубов кон големите брзини на интернет, а според досегашните наоди, тој не успеал навреме да закочи при несреќата.

Spanien Zugunglück Entgleisung Santiago de Compostela Unfall Zug Madrid Mariano Rajoy
Шпанскиот премиер Маријано РахојФотографија: picture-alliance/dpa

„Возев 190! Се надевам дека никој не загина затоа што сето ќе оди на мојата совест“, се наводно зборовите на машиновозачот кои преку радиостаница му ги соопштил на диспечерот веднаш по несреќата.

На својот Фејсбук профил машиновозачот постирал фотографии на кои се фали дека вози со 200 километри на час и ја предизвикува полицијата да го стигне!

Надлежните во шпанската железница тврдат дека возот немал никакви технички проблеми, но експертите критикуваат зошто не бил вклучен т.н. систем за автоматско кочење, кој ги забавува брзите возови на места каде што постојат ограничувања на брзината. Претставник на синдикатот на железницата изјави дека таков систем немало на местото на несреќата, иако тоа било обврска.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој, кој потекнува од Сантијаго де Компостела, во непосредна близина на несреќата, објави тродневна жалост во земјата. Погребот на загинатите ќе се изврши в понеделник.