1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајсторскиот момент на Ангела Меркел во Минхен

Кристијан Трипе
18 февруари 2019

Светскиот поредок е скршен. Кој ќе ги собира делчињата? Тоа беше клучното прашање кое се надвисна над Минхенската безбедносна конференција. Ангела Меркел даде одговор, но тоа не е доволно, смета Кристијан Трипе.

https://p.dw.com/p/3DYaV
MSC München Bayern Angela Merkel
Фотографија: Reuters/A. Gebert

Во сите одлични политички говори енергијата е најважниот дел. Тој спој на добар тајминг, голема сцена, одлични зборови и вистински тон. На годинешнава Минхенска безбедносна конференција Ангела Меркел имаше токму таква енергија.

Германската канцеларка зборуваше слободно, без напишан текст што е вистинска реткост. Таа зборуваше за светскиот поредок кој е во опасност од пад и уништување. Светскиот поредок во сегашната форма не може да опстои уште долго време. Во еден храбар говор таа го помина целиот свет, од Русија до Кина, па преку САД назад во Германија и Европа. Трговија, безбедност, екологија: не изостави ниту една политичка сфера.

Јасна порака за пријателите и непријателите

Ниту една од идеите на Меркел не беше нова. Се што кажа е веќе дискутирано или за тоа е пишувано порано. Но, нејзините претходни говори за мултилатерализам беа нешто како самиот збор во однос на испраќање порака: чуден и тежок да се сфати.

Повеќе:

-Меркел во Минхен им оддаде признание на Заев и Ципрас

Оваа година енергијата беше поинаква. Таа зборуваше директно, јасно и отворено. Нејзните зборови беа олеснување за публиката, особено ако направите споредба со говорот на потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Меркел дури и правеше шеги на сметка на недостатоците на сопствената влада во однос на надворешната политика. Пенс пак здрвено им објасни на присутните што значи во пракса „Америка на прво место". Меркел говореше со страст. Пенс зборуваше монотоно и на моменти звучеше како да чита некоја наредба.

Deutsche Welle Dr. Christian F. Trippe TV Berlin
Кристијан Трипе, автор на коментаротФотографија: DW/B. Geilert

Контрастот меѓу овие два говора е јасна илустрација за тоа колку се затегнати во моментов трансатлантските односи. И додека Меркел беше ѕвезда на конференцијата и покрена лавина позитивни реакции и поддршка низ светот на социјалните мрежи, нејзините домашни критичари крикнаа. Регионалните лидери од нејзината конзервативна Христијанско демократска партија, ЦДУ, започнаа дискусија за тоа дали треба да и дозволат воопшто да биде дел од кампањата за претстојните покраински избори во источна Германија. Популарноста на канцеларката источно од реката Елба во моментов е толку ниска што всушност може повеќе да им наштети на изборните шанси на ЦДУ.

Наследникот се подготвува

Непочитуван дома, славен во странство. Тоа е проблем со кој покрај Меркел се соочувале и многу од пост-воените германски канцелари. Придобивките од признание и почит на глобално ниво оди рака под рака со пад на авторитетот кога станува збор за домашна политика. Конрад Аденауер, Вили Бранд, Хелмут Шмит или Хелмут Кол – сите тие ја загубија поддршката во редовите на сопствената партија, а некои беа дури и протерани и сменети од функцијата од сопартијците само поради тоа што растел нивниот углед на меѓународна сцена.

Меркел веќе се повлече од лидерското место во партијата ЦДУ за да и направи место на нејзиниот најпосакуван наследник, Анегрет Крамп-Каренбауер. Таа пак ја искористи Минхенската безбедносна конференцијата да оствари надворешно-политички контакти. Појадок овде, дискретен ручек онде –дури и го даде првото интервју кое се фокусира на надворешна политика. Крамп – Каренбауер се однесува како некој кој сака многу повеќе од само лидерско место во ЦДУ.

И кој ќе ги собере делчињата од скршениот светски поредок? Одговорот на Меркел во Минхен беше јасен: сите ние и мора заедно да работиме на тоа. Но, канцеларката можеби нема уште долго да го води патот. Сепак, нејзините основи за надворешната политика се цврсто поставено по овогодинешната Минхенска безбедносна конференција.