1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

МВР: Мирен изборен ден со помали инциденти

ЖА/макфакс/миа7 април 2013

Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент на вториот круг од локалните избори до 14 часот, изборниот ден минува мирно, во фер и демократска атмосфера, соопштуваат од МВР.

https://p.dw.com/p/18BHH
Фотографија: Petr Stojanovski

Но, од МВР соопштуваат дека се регистрирани помали инциденти и приведени се лица во Кочани, Струмица и струшкото село Радолишта, каде имаше и прекин на гласањата. По информациите од една политичка партија дека Кочани синоќа бил под полициска опсада и дека полицијата апсела активисти од таа партија, од МВР велат дека во Кочани е приведено едно лице и дека полицијата не апси симпатизери на партии, туку лица кои ги прекршиле законите.

Според МВР, жителот на Кочани кој бил приведен, на тројца свои сограѓани им се заканувал дека ќе ги убие ако излезат на гласање.Тој е приведен, а во неговиот автомобил полицијата нашла нож и дрвена палка.

Во струшкото село Радолишта приведен е албански државјанин под сомнение дека гласал со македонски документ. Дваесет и четиригодишниот албански државјанин е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава. На соседното избирачко место во струшко Радолишта, овластен набљудувач од политичка партија пријавил на полициските службеници дека бил отстранет од страна на избирачкиот одбор.

Во Струмица се приведени две лица, едниот од нив утрово го скрши капакот од гласачката кутија, па гласањето беше прекинато еден час, а гласачот приведен. Од општинската изборна комисија во Струмица велат дека гласачот ја скршил кутијата најверојатно од невнимание. Според последните информации од полицијата, приведен е и струмичанец за кој постои сомнение дека утрово пукал во воздух со гасен пиштол од автомобил во движење.

Штабот на Министерството за внатрешни работи во кој што партиципираат и претставници на меѓународните мисии во земјата продолжува да работи и се разгледуваат сите информации кои ќе пристигнат до полицијата, велат оттаму.