1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Медениот месец“ на Заев во обрач од нови партии

Катерина Блажевска11 јуни 2013

СДСМ ќе добие сериозна конкуренција, најавува Владо Бучковски, еден од иницијаторите на новото движење Алијанса за позитивна Македонија, кое ќе се промовира кон крајот на месецов.

https://p.dw.com/p/18nSR
Фотографија: MIA

Кратко траеја односите на „нова политичка култура“ меѓу Груевски и Заев. Лидерот на СДСМ не доби ни десет, а камо ли 100 денови деконтаминирани од критики и ниски удари, кои по непишано правило ги добива нова гарнитура на власт или ново раководство во опозицијата. „Позитивниот исчекор во политичкиот дијалог“, како што беше оценета првата средба меѓу Груевски и Заев, траеше колку и разговорот меѓу нив. Штом лидерот на СДСМ замина од „Илинденска“, на терен се соочи со истиот анахрон и навредлив речник на политичка комуникација. 

„Тоа што Груевски се обраќа со нему својствени зборови, нему му служи на чест. Јас нема да го коментирам. Времето ќе ги потврди или демантира. Знам дека се плашат од новините во СДСМ. И треба да се плашат“, кратко искоментира Заев.

Премиерот Груевски својот став го кажа на јавна сцена.

„Не знам што има ново во СДСМ. Ниту тандемот Заев-Шеќеринска се нови лица, ниту е ново тоа што се откажаа од бранителите, ниту е ново што се откажаа од Струга и Кичево“, рече Груевски.

Mazedonien Premierminister Nikola Gruevski & Zoran Zaev SDSM
Од средбата Груевски - Заев, архиваФотографија: MIA

Нови партии од стари колеги

Се подготвува ли терен СДСМ да биде дисквалификуван и потиснат од политичката сцена во време на неговото кадровско и програмско реформирање, најпрво преку преку големи игри за „Малиот ринг“ во општина Центар, а потоа и преку ново партиско опкружување?

Според аналитичарот Мерсел Биљали, опозицијата и натаму ќе биде цел на остри напади и на дисквалификации од власта.

„Целта на владејачката партија е да покаже дека може да биде и полошо ако опозицијата ја освои и централната власт. Се работи за гола битка за власт, без никакви принципи и морал“, вели тој.

На лидерскиот „меден месец“ на Заев му претходеше формирањето на новата партија Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) на неговиот поранешен сопартиец Стевчо Јакимовски, а веќе пред крајот на месецот се најавува и друга. Нови партиски пристапници интензивно се подготвуваат и за движењето Алијанса за позитивна Македонија, чија промоција се најавува за 26 јуни. Како што објаснува еден од иницијаторите, Владо Бучковски, таму веќе се поканети стотина афирмирани граѓани од различна возраст и професија, кои работат на десетина проекти од областа на економијата, аграрот, образованието, здравството, спортот.

„Имавме и првични разговори за заедничка соработка со Либералната партија на Ивон Величковски. Со Стевчо Јакимовски ќе разговораме за евентуален заеднички настап на парламентарните избори, но откако ќе се етаблираме на политичката сцена. Тоа значи дека наесен би можело да дојде до окрупнување во една коалиција на партиите кои се профилирани како граѓански и либерални, а не се дел од коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ќе се зголемува конкуренцијата на политичката сцена и ќе се руши црно - белиот свет на двете најголеми партии. СДСМ е пред голем предизвик. Црвенковски му остави на Заев распадната коалиција. Си заминаа ПЕИ, Либералите,Титовите леви сили, Српската напредна странка и Слободните демократи. Се појави ГРОМ, доаѓаме и ние со Алијансата. СДСМ ќе има сериозна конкуренција, посебно ако дојде до обединување на сите овие партии во една голема коалиција на граѓанскиот центар“, најавува Бучковски.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski
Владо БучковскиФотографија: Petr Stojanovski

Рано е за прогнози

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не сака да коментира партии во најава.

„Воопшто не ме вознемируваат најавените партии и коалиции. Не би давал оценка за нив пред да видам да одржат конгрес, да презентираат концепт , програма и да покажат како и каде ќе се позиционираат, бидејќи засега тоа никој не го знае“, вели Заев.

Тој не сака да ги коментира и прогнозите дека новите партии ќе бидат сателити на владејачката и дека заедно со неа ќе се борат за власт.

Никола Спасов од агенцијата за испитување на јавното мислење „Рејтинг“, смета дека е прерано да се оцени дали новите партии ќе ја загрозат позцијата на СДСМ.

„Пред се‘, и двете допрва треба да ги промовираат своите програми, идеи и да почнат активно да делуваат. Засега само Јакимовски излезе официјално во јавноста, а Бучковски се‘ уште ја нема официјализирано партијата, па најдобро е да се почека нивното целосно активирање. Од друга страна, гласачкото тело, пред се опозициското, е во исчекување на активностите и промените во СДСМ и не верувам дека пребрзо ќе почне да се престројува, особено не сега кога најавените нови партии се‘ уште се во фаза на првично екипирање и организација“, вели Спасов.

Аналитичарите прогнозираат дека и во наредниот период политичката битка ќе се засилува и посебено ќе биде фокусирана во општините кои се под раководство на опозицијата. Според нив, ова што сега се случува е промоција само на „лесна артилерија“, во однос на нејзиното интензивирање особено по јунскиот самит на ЕУ, со цел да се дефокусира вмниманието на јавноста од исходот за Македонија. Таквиот дух на актуелниот момент, го опиша Eрмира Мехмети Деваја, пратеничката на владеачката ДУИ, на својот Фејсбук профил:

„Некој протестира за црквата, а некој за забраната на абортусот... И додека народот има доста со што да се занимава – или се за црквата или против неа, или се за забрана на абортусот или за правото на избор, никој повеќе не се занимава со јунскиот самит на ЕУ, со ХЛАД (пристапниот дијалог на високо ниво) или пак со прашањето за името! Уште еднаш се докажува дека единствено Албанците остануваат искрено заинтересирани за интеграциските перспективи на земјата“.

Главниот проблем е што за овие теми се разговара единствено на Фејсбук.