1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мемети: Нехумани услови во затворот Шутка

БГ/макфакс29 октомври 2013

Народниот правобранител по посетата на притворското одделение констатира дека во него има пренатрупаност, а притворениците немаат основни човекови права

https://p.dw.com/p/1A7q5
Фотографија: DW

Бројката на лицата на кои им се изрекува мерката притвор енормно се зголемува од година во година, притворското одделение е пренатрупано, констатира Народниот правобранител, Иџет Мемети, откако претставници од одделението за превенција од институцијата Народен правобранител го посетија новинарот на „Нова Македонија, Томислав Кежаровски, како и цело притворско одделение во затворот во скопската населба Шуто Оризари.

Мемети им порача да судиите да не ја употребуваат мерката притвор, доколку има можност за обезбедување на лицата со други мерки. „Бројката лица на коишто им се изрекува мерката притвор енормно се зголемува од година во година и тоа говори дека станува збор за пренатрупаност во тоа одделение, што зборува дека тие лица не можат да ги остваруваат квалитетно своите основни човекови слободи и права. Имајќи ја предвид оваа констатација, апелирам до сите, особено до тие што одлучуваат за оваа мерка, доколку има случаи во кои може на друг начин да се обезбедат обвинетите, да не ја употребуваат мерката притвор и како можност за обезбедување на лицата да користат поинакви мерки, затоа што се соочуваме со ситуација според која на лицата кои издржуваат мерка притвор не им се почитуваат квалитетно сите слободи и права“, изјави Мемети.

Според него, не се исполнети миниумум стандардите во притворското одделение и најверојатно по извесен период ќе има уште една посета за да се провери дали се исполнети мислењата и сугестиите што ги дал правобранителот. Народниот правобранител е во контакт со сопругата на Кежаровски и сите информации од затворот и’ се пренесени. Детали за условите во кои престојува Кежаровски, правобранителот најави дека ќе им пренесе на неговата сопруга и Здружението на новинарите, но не и на новинарите.

Наместо Мемети, кој претходно во петокот најави дека во понеделник ќе го посети Кежаровски во Шутка, во понеделникот новинарот го посетија експерти и соработници од неговата канцеларијата, за да видат во какви услови престојува новинарот, како и другите притвореници. Кежаровски е осуден на четири и пол години затвор за откривање на идентитет на заштитениот сведок во случајот Ореше.