1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара кинеска помош за еврото

2 февруари 2012

Во првата овогодишна државничка посета, германската канцеларка Меркел отпатува за Кина. Главни теми на нејзините разговори треба да бидат кинеската поддршка за еврото и нафтеното ембарго кон Иран.

https://p.dw.com/p/13u5g
Ангела МеркелФотографија: bundeskanzlerin.de

2012 година е јубилејна година за кинеско-германските односи. Пред 40 години двете земји воспоставија дипломатски односи. Она што на почетокот беше пробен и претпазлив однос, карактеризиран со големи културни и општествени разлики, во меѓувреме се разви во стабилна економска и политичка врска. Германија е најблискиот кинески трговски партнер, а кинескиот пазар е клучен за германските фирми.

Во последниве години се организираше првиот германско-кинески самит на највисоко ниво. Такви самити, надвор од Европа, Германија организира само уште со Индија и Израел. Тоа покажува колку Берлин и Пекинг се ценат меѓусебно, наведува Еберхард Зандшнајдер, шеф на Германскиот совет за надворешна политика.

„Се работи за институционално подобрување во односите кое го покажува и значењето на економските и политичките врски на обете страни“, вели тој.

Еврокриза

Главна тема на разговорите се состојбата на светската економија и европската должничка криза. Подобрувањето на билатералните односи, исто така. Според агенциските најави, ќе се разговара и за состојбата во Северна Кореја и спорот околу иранската нуклеарна програма. Извесно е дека Меркел ќе бара поддршка од Кина за разнишаното евро.

Merkel in China Terrakottaarmee Xian
Меркел при последната посета на КинаФотографија: picture-alliance/dpa

„Европа не е само во финансиска криза, туку има и криза во самодовербата“, вели Гу Суеву, професор по политички науки на Универзитетот во Бон. Тој верува дека за ЕУ земјите ќе биде многу добредојдено доколку Кина купи повеќе европски обврзници.

Пари за тоа на Кина не и‘ недостасуваат. Според проценките, нејзините девизни резерви надминуваат 3,2 трилиони долари, со што се убедливо најголеми во светот. Но, останува нејасно дали Кина ќе ги употреби тие пари за да ја спаси Европа од криза. Кинескиот заменик министер за надворешни работи Фу Јин веќе ги разби таквите илузии во декември лани, кога соопшти дека земјата нема намера да инвестира поголем дел од своите резерви за таа намена.

Иран

Неизвесна е и кинеската поддршка за иранското нафтено ембарго, кое по одлуката на ЕУ неделава, треба да стапи во сила на 1 јули годинава. Кина увезува околу една петтина од иранското производство на нафта, а трговијата меѓу двете земји во 2011. година пораснала за 55 проценти. Гу Суеву се сомнева дека Пекинг ќе воведе рестрикции на иранската нафта, бидејќи тоа не е во интерес на Кина.

Erste deutsch-chinesischen Regierungskonsultationen
Првиот германско-кинески самит заврши успешноФотографија: picture alliance/dpa

Аналитичарите, како Зандшнајдер, не очекуваат дека германската канцеларка ќе го отвори прашањето на почитувањето на човековите права во Кина и покрај големиот број евидентирани нарушувања во последниот период.

„Дури и доколку канцеларката спомене нешто за човековите права, тоа ќе биде повеќе за да се задоволи германската јавност, но нема ништо да промени во Кина“, вели Зандшнајдер.

Автор: Кристоф Рикинг/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска