1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: „Се гледа светлина на крајот од тунелот“

ЖА / агенции
25 март 2021

Германската канцеларка побара натамошен ангажман и верба во борбата против корона пандемијата, вакцинирање и тестирање. Европа треба да се потпре на сопствено производство на вакцини, рече Меркел во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/3r6vm
Deutschland | Bundestag | Angela Merkel gibt Regierungserklärung ab
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Германската канцеларка Ангела Меркел ја истакна нужноста од сопствена продукција на вакцини против коронавирус во ЕУ. Важно е да се обезбеди производство на вакцини на европско тло, рече Меркел во владината изјава во германскиот Бундестаг пред самитот на ЕУ, на кој вакцините се исто така една од централните теми. Велика Британија ќе произведува за Велика Британија, САД не извезуваат вакцини, затоа, на долг рок, Европа може да се потпре само на она што ќе биде тука произведено. 

Добро е што ја имаме Европската унија"

Канцеларката повторно застана во одбрана на заедничкиот европски пат во сузбивањето на пандемијата на коронавирус. „При сите тешкотии, верувам дека во пандемијата уште еднаш се покажа колку е добро што ја имаме ЕУ“. Меркел притоа го потенцираше значењето на заедничко обезбедување и издавање дозволи за вакцините. „Заедничкото обезбедување вакцини преку ЕУ беше правилно“, рече Меркел. Посебно кога се гледа дека и при најмалите разлики во распределбата се разгоруваат бурни дискусии, не е тешко да се претпостави што би било доколку одделни членки на ЕУ би имале вакцини, а другите не. „Тоа до темел би го потресло внатрешниот пазар“, смета Меркел.

Повеќе на темата:

Меркел призна грешка, но одбива прашање за доверба

Без строг локдаун за Велигден - владата на Меркел во слободен пад

Политиката во корона-лавиринт

Таа ги повика германските општини да покажат поголема креативност во совладувањето на пандемијата: „На ниеден градоначалник и советник не му е ускратено да го направи она што се применува во Тибинген и во Росток“.

Двата града се сметаат за позитивни примери со нивната стратегија за сузбивање на пандемијата. Со поглед кон стратегијата на тестирање, Меркел побара поголем ангажман од сојузните покраини. Владата не може да се конфронтира со тест-инфраструктура за 40.000 училишта во земјата. Берлин радо помага, исто како и Бундесверот, но сега на потег се сојузните покраини.

Германија соочена со трет бран коронавирус

Обврски и за граѓаните и економијата

Канцеларката истовремено ги повика граѓаните да го користат правото на бесплатно тестирање: „И најдобрите понуди за тестирање се безвредни ако не се користат“.

Тестирањето претставува „мост“ на патот до моментот кога ќе се покаже ефектот од вакцинацијата. „Колку повеќе вршиме тестирања, толку помалку ќе мораме да воведуваме ограничувања“, рече Меркел. Таа ѝ се закани на економијата со воведување задолжително тестирање на вработените двапати неделно, доколку 90 проценти од претпријатијата не ја применуваат мерката доброволно. На почетокот на април владата очекува одговор од стопанството за тоа колку фирми имаат понуда на корона-тестови за своите работници. „Ако мнозински дел од германското стопанство не им понуди корона-тестови на своите вработени, ќе примениме регулаторни мерки во областа на заштитата на работно место“, порача Меркел. Владата за ова ќе одлучува на 13 април.

Меркел апелираше на натамошен ангажман и верба во борбата против корона пандемијата. Таа оптимистички порача: „Се гледа светлина на крајот на тунелот“.