Меркел во Македонија во потрага по „успешна приказна“ на Балканот

Првата посета на германската канцеларка на Скопје може да биде сигнал дека Македонија ја враќа улогата на „добро момче“ на Балканот. Услов за тоа е успех на референдумот и реализирање на договорот со Грција.

Германската канцеларка Ангела Меркел в сабота во Скопје доаѓа со едноставна агенда. Да изрази поддршка за успех на референдумот на 30 септември и да ги повтори ветувањата оти Македонија има добра перспектива доколку тоа се случи. Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер за Дојче веле оценува дека е јасно оти причината за посетата е референдумот.
„Меркел најверојатно ќе ги охрабри Македонците да се одлучат за поддршка на компромисот кој го постигнаа Заев и Ципрас“, вели таа. Освен спорот за името, се очекува да се разговара и за евро-атлантската интеграција на Македонија.
„Германската канцеларка не може да вети, но може да го реафирмира она што Советот на ЕУ го заклучи во јуни годинава, а тоа е дека преговорите за членство во ЕУ ќе можат да започнат следната година доколку се реализираат бараните услови. Во прв ред тука спаѓа решавањето на спорот со Грција“, вели Штајнакер.

Страв од негативни последици

Со исклучок на косовската криза, Македонија никогаш не била прва цел на посети на водечките европски и светски политичари, и особено не во позитивен контекст. Но, времињата се менуваат, а на Европа ѝ се потребни успешни приказни... дури и на Балканот. Реакциите по потпишувањето на Преспанскиот договор од водечките европски политичари (Могерини, Хан, Мас) и држави како САД и Велика Британија, во кои се говореше за „историски договор“, недвосмислено го потврдуваат тоа. Зборовите делумно се ефектуираа и во дела со поканата за НАТО, иако ЕУ перспективата беше делумно одложена поради блокадата на Франција и Холандија. Првиот следен чекор сега е референдумот, а потоа следуваат и уставните измени. Ризикот од неуспех е релативно висок, а негативните последици, не само за Македонија, туку и за поширокиот регион ги препознаваат водечките европски и светски држави. 

Gudrun Steinacker

Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер


„Драго ни е што гледаме дека Македонија оди напред, затоа што тоа е и во наш интерес, наш економски интереси. Но исто така и во наш безбедносен интерес е земјата да се приближи и да се приклучи кон ЕУ и НАТО“, изјави деновиве во интервју за емисијата 360 степени германскиот дипломат Кристијан Хелбах.
Во период на зголемена пенетрација на руските и кинески интереси во регионот, навидум ненадејниот германски интерес за состојбата на Западниот Балкан не е изненадување. Со оглед на тоа што Босна и Херцеговина е заглавена во бескрајни етнички спорови, а Србија и Косово го вклучија  алармот во Берлин со преговорите за размена на територии, Македонија делува како одлична шанса да се презентира една успешна приказна во немирниот регион. На германската влада и на канцеларката Меркел како иницијатори на Берлинскиот процес и приближувањето на земјите од Западниот Балкан кон ЕУ, тоа им е од особено значење.

Косово и Србија- табу?
Амбасадорката Штајнакер сепак не очекува дека Меркел и Заев јавно ќе го коментираат прашањето за промената на границите на Балканот. „Темата Србија-Косово сигурно ќе има многу мала улога, доколку воопшто биде спомената. Со оглед на тоа што Србија јавно се изјасни дека нема да се меша во спорот за името и референдумот, Заев со сигурност нема да сака да се меша во темата Србија-Косово“, прогнозира Штајнакер.
И денот на посетата на Меркел, 8 септември, е внимателно избран за да се засили нејзиното значење. Меркел е прв германски канцелар кој доаѓа во официјална посета на Македонија, доколку се исклучи кусиот престој на Герхард Шредер за време на косовската криза во 1999 година.

Deutschland Regierungsdelegation aus Mazedonien bei Kanzlerin Merkel

Меркел доаѓа со цел да го поддржи Заев за референдумот


Импулс за граѓаните
Тоа што по Меркел, еден по друг, следуваат и посетите на шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен само го засилува впечатокот дека Германија е сериозно заинтересирана за успех, не само на референдумот, туку и на земјата во следниот период. Доказ за тоа е и најавата дека двете земји во иднина потесно ќе соработуваат и во сферата на економијата. Македонскиот премиер Зоран Заев во својот кабинет ќе добие советник кој ќе биде во постојана врска со официјален Берлин и ќе биде задолжен за подготовка на квалификувана работна сила, но и за олеснување на инвестициите на германските фирми во земјата кои во моментов веќе вработуваат над 20 илјади луѓе.
Првиот чекор е сепак референдумот за чиј успех, во моментов, владеат уште многу недоумици. Иако е извесно дека мнозинството граѓани ќе гласаат „За“ на референдумското прашање, последната анкета на Институтот за демократија покажува дека излезноста на гласањето би било околу 46 проценти, што би значело негов неуспех. Со посетата на Меркел, но и на други водечки светски политичари во следниот период, владата се надева дека граѓаните ќе го добијат клучниот импулс за помасовно да излезат и да се изјаснат за иднината на државата.
„Канцеларката немаше да дојде доколку се работеше за партиска политика или избори“, вели за ДВ, шефот на дипломатијата Никола Димитров. „Посетата се случува затоа што референдумот е за иднината на Република Македонија. Нашите граѓани ќе го разберат тоа“, вели Димитров.

 

Теми