1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел засега сигурно на тронот

9 декември 2016

Нејзината најава дека на изборите во 2017 година повторно ќе настапи како кандидатка за канцеларка, многу Германци со право на глас ја сметаат за добра, покажува најновата анкета „Дојчландтренд“.

https://p.dw.com/p/2Tzk5
CDU Bundesparteitag nach Merkel Wiederwahl
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Кој всушност сака да ја победи оваа жена? Пред сѐ: Кој може да ја победи? Ако се земе како мерило репрезентативната месечна анкета „Дојчландтренд“, германската канцеларка Ангела Меркел во моментов нема никакви причини да стравува за својот реизбор. Речиси шест од десет Германци со право на глас (59 проценти) ја поздравуваат најавата на 62-годишната Меркел, по четврти пат да влезе во трката за канцеларската функција. Овие бројки призлегуваат од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата Инфратест димап, по нарачка на националната телевизија АРД и на весникот „Велт“.

Особено висока поддршка разбирливо, Меркел која е на функцијата од 2005 година, ужива во сопствениот политички табор - демохристијаните (ЦДУ/СЦУ). Стапката на поддршка од 87 проценти речиси се поклопува резултатот (89,5) при нејзиниот реизбор за претседателка на ЦДУ на конгресот на партијата во вторникот во Есен. И приврзениците на другите партии ја сметаат за добра повторната кандидатура на Меркел. Тоа особено важи за симпатизерите на партијата на Зелените. Речиси две третини од нив позитивно ја оценуваат одлуката на канцеларката. Кај социјалдемократите и кај Левицата: околу половина. Меѓу приврзениците на Алтернатива за Германија, наспроти тоа, само секој десетти се изјаснил позитивно.

Infografik Deutschlandtrend Dezember 2016

Ако Германците би можеле директно да го/ја избираат својот/та канцелар/ка, Меркел во моментов речиси и да нема од што да стравува. Против лидерот на СПД, Зигмар Габриел таа би извојувала висока победа (57 наспроти 19 проценти). Многу потесна победата би била во дуелот со претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц  исто така од редовите на социјалдемократите (43 наспроти 36 проценти). Дури и ако ваквите бројки се само теоретски, со оглед дека пратениците во Бундестагот ќе одлучат  за тоа кој ќе биде наредниот германски канцелар - тие се сепак важен показател. На крајот на јануари ќе биде познато против кого ќе настапи Меркел. Тогаш социјалдемократите планираат да го обзнанат името на својот кандидат за канцелар, за кој веќе одамна се шпекулира. Наводно одлука сѐ уште не е донесена.

Infografik Deutschlandtrend Dezember 2016

Мартин Шулц како врвен кандидат би можел да ѝ обезбеди подем на неговата партија, која на прашањето: За која партија би гласале ако изборите се сега? Во анкетата доби поддршка од само 22 проценти. За разлика од СПД чија популарност остана на исто ниско ниво, на ЦДУ по најавата на Меркел за повторна кандидатура за канцеларка ѝ порасна популарноста за 2 процента - од 33 на 35 проценти. Кај другите партии речиси и да нема промени.

Одличен резултат во актуелниот „Дојчландтренд“ оствари и министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер и тоа за функцијата, за која допрва треба да биде избран во февруари 2017 година. Во Сојузното собрание заедничкиот кандидат на СПД и на ЦДУ/ЦСУ за претседател на Германија може да смета на многу добар резултат. Дека веројатниот наследник на Јоахим Гаук е омилен и меѓу германското население, покажува и актуелната анкета. Четири од пет Германци со право на глас, би гласале за Штајнмајер доколку изборот на претседател би бил непосреден. Како шеф на државата социјалдемократот меѓутоа мора да ги стави во мирување неговите партиски активности.  

Infografik Sonntagsfrage Dezember 2016 englisch

Анкетата исто така покажува дека Германците и покрај, или можеби токму поради кризата во рамките на Европската унија, не се заморени од Европа. 94 проценти од испитаниците посакуваат заедничка иницијатива од членките на ЕУ, кои сакаат да соработуваат повеќе наместо помалку. Истовремено сѐ повеќе Германци (83 проценти) се сомневаат дека ЕУ во тешки ситуации е во состојба едногласно да одлучува. Исто толку сметаат дека би било добро доколку Унијата надворешнополитички стане повидлива.