1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Нимиц поставија равенка со две непознати!

Катерина Блажевска25 јули 2014

Оптимизмот на Нимиц, аналитичарите го ставаат исклучиво во контекст на изјавите на германската канцеларка Ангела Меркел, дека ќе дојде момент кога таа лично ќе се заложи за решавање на спорот за името.

https://p.dw.com/p/1CiiP
Фотографија: Bundesregierung/Denzel

Има нешто зад оптимистичката изјава на Метју Нимиц, дека „овој пат очекува голем напредок на средбите со државниот врв во Скопје и во Атина“, коментираат домашни аналитичари пред претстојната посета на посредникот на ОН во спорот за името. Дел, пак, се целосно скептични - очекуваат уште една рутинска посета која нема да донесе ниту нова надеж, ниту некаков исчекор во преговарачкиот процес.

Нимиц во март „прослави“ две децениски јубилеј, откако во 1994 година, тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, го именуваше за негов специјален претставник во медијацијата за спорот за името меѓу Грција и Македонија. Кроткиот и воздржан преговарач, зад себе има огромна километража помината на релација Њујорк - Скопје - Атина и обратно, но неговото посредништво досега не донесе никакви резултати, ниту пак за милиметар ги приближи ставовите меѓу двете земји. По ваквиот „минат труд“, што може да се очекува од неговата посета на 28 и 29 јули на Скопје, од каде веднаш ќе замине на дводневни средби во Атина?

Изјавите на германската канцеларка, Ангела Меркел, кои станаа еден вид претходница на посетата на Нимиц, создаваат впечаток дека досието „име“ е вистински вратено во фокусот на меѓународниот интерес, вели пораненешен висок функционер, упатен во текот на разговорите за името меѓу двете земји.

„Иако досегашното посредништво на Нимиц и поставените црвени линии во преговорите навестуваат уште една јалова посета која само треба да ги држи преговорите во живот, сето ова ставено во контекст на неодамнешните изјави на Меркел, индицира дека 'нешто се случува'. Илустративно кажано, ако еден натпревар трае 90 минути, Нимиц влегува во игра за да шутира во 89-тата минута. Всушност, дури сега започнува вистинскиот расплет и решавање на проблемот“, оценува нашиот соговорник.

Во игра стари предлози

Иако нема најава дека Нимиц во куферот носи нов предлог за компромисно решение на спорот за името, неговата посета аналитичарите ја гледаат во контекст на изјавите што минатата недела ги даде германската канцеларка Ангела Меркел, најавувајќи дека ќе дојде момент кога лично таа ќе се заложи за решавање на спорот за името.

„Со оглед што бројот на комбинациите околу името кои доаѓаат в предвид е ограничен, сега јавно не би ги кажала, зашто така би го 'изгорела' предлогот. Така е зашто ако нешто кажам, можам да се обложам дека ќе пристигнат два деманти - од Грција и од Македонија, или еден...Значи таа варијантата нема да е веројатна. Затоа, моите разговори околу името се доверливи. Тоа е и онака тешко. Затоа има бранови во кои се внесувам во спорот, но и фази во кои оставам работите да мируваат. Но, со сигурност - ќе дојде момент кога лично ќе се заложам. Но, на крајот видете, може да помогнеме, но доколку актерите меѓусебно не се доближат, мојата помош не помага“, одговори канцеларката Ангела Меркел на прашање на Дојче веле.

Нимиц во ноември минатата година во Берлин имаше средба со Меркел, на која, како што беше соопштено, ја запознал со детали во врска со процесот меѓу Македонија и Грција. Се претпоставува дека иницијативата на Меркел за вклучување во процесот, всушност, е започната од тогаш и дека се одвива заднински, во сенка.

Додека политичката јавност во Грција смета дека сега е ред на македонската влада да покаже во практика дека има волја за отстапки, истото во Македонија го очекуваат од Атина.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, смета дека без политичка мотивираност од страна на Атина и ангажман од поголемите земји членки на НАТО и ЕУ, не може да се очекува поместување во спорот за името.
„Најголем ограничувачки фактор во моментов е што нема речиси никаков политички мотив во Грција сериозно да се седне и да се бара решение по однос на ова прашање. Политичкиот фокус е на домашната сцена и на предизвиците со кои се соочуваат, особено во делот на спречување на кризата во еврозоната, и им ја апсорбираат практично целата енергија. За да се променат нештата, потребен е поголем фокус од поголемите земји-членки на НАТО и на ЕУ. Tоа е анализа која ја споделуваат речиси сите соговорници. Во тој контекст ние мора да се продолжиме со проактивен и позитивен настап, но мора, исто така, и да видиме конкретни чекори на мотивираност во Атина. Без тоа не е реално да се очекува какво било поместување во однос на процесот“, оцени Попоски.

Matthew Nimetz Besprechung
Никола Попоски и Метју НимицФотографија: MIA

Коментирајќи ја изјавата на Меркел дека спорот со Грција се однесува и за идентитетот, а не само за името, Попоски рече дека не е никаква тајна дека од самиот почеток амбициите на Атина се многу поголеми и се сосема надвор од каква било меѓународна правна рамка или демократски стандарди.

Идентитетот настрана

Според неофицијални информации од дипломатски извори, „откако одредени политики во двете земји непотребно го изместија тежиштето на разговорите, се прави обид решавањето на спорот да се врати во рамките на разговори исклучиво за името на државата, без да се шири хоризонтално и вертикално по прашања врзани за идентитетот и цел корпус други што произлегуваат од тоа, но и да се прецизира можното местото за географската одредница во распоредот на едно сложено компромисно име“.

По последната посета на Скопје, Нимиц посочи дека разликата меѓу Скопје и Атина е за местото на кое треба да стои географската одредница - пред или после зборот Република.

Има ли атмосфера за компромис по овие прашања? Според Меркел, компромис е кога сите вклучени се еднакво незадоволни. Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Мисајловски смета дека во Македонија не се знае вистинското значење на зборот компромис.

„Компромисот не е фудбалски кажано резултат нула спрема нула. Губат двата партнери. Компромисот е решение, а не резултат. Кој да го сфати тоа кај нас? Ние имаме комплекс на губитници. Сакаме да бидеме победници. Избравме погрешно време. Време е за партнери, а не за победници. Всушност Грција не е единствен сосед со кој треба да постигнеме компромис. Софија исто така бара компромис за прашање кое не е помалку сложено од очекуваниот компромис околу името“, потсетува Мисајловски.

И во таква атмсосфера, аналитичарот Мерсел Биљали е уверен дека ќе се реши спорот за името.

Prof.Dr. Mersel Bilalli FON Universität
Мерсел БиљалиФотографија: Fatos Musliu

„Верувам дека ќе се изнајде решение, ако веќе и не е договорено, па сега треба само да се договорат техники како тоа да се претстави пред јавноста. Груевски со своите политики досега успеа прилично да ја оддалечи земјата од евроинтреграциите, но доаѓа време кога таа политика може скапо да го чини, ако не се најде решение за името. Последните масовни протести во Македонија во голема мера ја анимираа меѓународната заедница, од каде е проценето дека спасот за стабилноста и меѓуетничкиот мир во земјата е во деблокирање на интеграциите и посветување на земјата на реформите во клучните сфери“, вели Биљали.

Македонија, само неколку дена пред посетата на Нимиц, за нов, четврти по ред преговарач за името, го именуваше поранешниот министер за евроинтеграции и нов амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски. Тој одби да ги коментира очекувањата од неговата прва средба со посредникот Нимиц, со образложение дека е воспоставено правило за сите прашања за спорот за името да одговара МНР.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи