1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел и Путин: Не се пријатели но партнери

Јури Решето
13 јануари 2020

Ќе се зближи ли Русија со Германија и со ЕУ? Тоа би било важно, со оглед на тензиите на Блискиот Исток. Посетата на канцеларката Меркел на Кремљ е чекор во добра насока, смета Јури Решето.

https://p.dw.com/p/3W699
Merkel zu Krisengesprächen bei Putin in Moskau
Фотографија: picture alliance/dpa/AP/P. Golovkin

Во Русија се вели: „Кажи ми кои ти се пријателите, ќе ти кажам кој си ти“. За волја на вистината Ангела Меркел и Владимир Путин не се пријатели, но затоа се партнери- во економијата и во политиката.

И покрај санкциите на ЕУ против Русија и неодамнешното убиство на еден руски државјанин среде Берлин, и покрај анексијата на Крим и војната на истокот на Украина, и покрај сите политички разлики- Меркел и Путин денес се поблиски од кога било порано и тоа се виде за време на посетата на германската канцеларка на Кремљ во саботата (11.01.2020).

Бидејќи на канцеларката ѝ е потребен Путин. На Европската унија ѝ е потребна Русија.

Русија прерасна во клучна земја

Му се допаѓало тоа некому или не, руското влијание на Блискиот Исток е огромно. Русија стана клучна земја во регионот, исполнувајќи го вакуумот, кој го оставија Американците: во Либија, каде се заканува ескалација на граѓанската војна и земја од која би можеле да тргнат нови бегалски бранови кон Европа; во Сирија, каде Путин го води главниот збор, сместувајќи се воено на страната на властодржецот Башар ал Асад; и во Иран, на чие сојузништво Путин е горд.

Повеќе:

-Средба на Меркел и Путин во драматичен момент

-Дали Либија за Путин е новата Сирија?

-Северен тек 2: Што носат новите американски санкции?

Значи, рускиот претседател е неопходен за решавање на сите овие конфликти. И тој го знае тоа. Секако дека нему му е многу важен имиџот на меѓународната сцена- да речеме Русите во Сирија да не бидат сметани како господари на војната туку како миротворци. Конечно, на Путин му е важно, еден ден да попуштат западните санкции против Русија.

Rescheto Juri Kommentarbild App
Јури Решето, автор на коментарот

По двочасовните разговори меѓу германската канцеларка и рускиот претседател во Кремљ остана прашањето, дали Германија е подготвена да влезе во соработка со Русија, дури ако тоа ја оддалечува од САД?

Канцеларката како сојузничка во Кремљ

Од доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, изгледа како Меркел и Путин да имаат заеднички непријател во Вашингтон, како на економски така и на политички терен. Германија по секоја цена го сака рускиот гас испорачан преку гасоводот Северен тек 2, додека пак САД сакаат со сите сили да го спречат завршувањето на тој гасовод. Освен тоа и германското и руското министерство за надворешни работи ја осудија егзекуцијата на иранскиот генерал Касем Сулејмани во американскиот напад со беспилотно летало.

Со други зборови, Меркел го посети Путин како соборец на многу важни фронтови, со надеж дека во иднина Берлин ќе може да влијае на кризите на Блискиот Исток. Путин и Меркел така се договорија во Берлин да биде одржување на меѓународна конференција за Либија. Тоа е прв чекор во заедничкото миротворство. Би било добро да не биде и последен.