1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската надворешна политика по Меркел

Кристоф Хаселбах
6 март 2021

Следниот германски канцелар би можел да биде Армин Лашет, или пак Маркус Зедер. Каква надворешна политика може да се очекува од едниот, а каква од другиот?

https://p.dw.com/p/3q66r
Bildkombo Laschet Merkel Söder

„Од сојузниот канцелар се очекува да е искусен во надворешната и во европската политика“. Тоа, новиот претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и премиер на покраината Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, го изјави во почетокот на февруари во разговор за агенцијата Ројтерс. На тој начин, тој сакаше да се покаже како некој кој е во предност во однос на својот соперник во борбата за канцеларската кандидатура.

Но, баварскиот премиер и претседател на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер, брзо возврати. Тој објави дека штотуку разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон 45 минути и оти утврдил дека постојат „големи сличности“ во гледиштата. Во разговорот воден на англиски јазик, меѓу останатото, станало збор и за заеднички проекти во авионскиот сообраќај и за планиран европски борбен авион.

Со оглед на тоа дека во Баварија се наоѓаат седиштата на важни компании кои се занимаваат со промет на воен и цивилен авионски сообраќај, Зедер со тоа собра бодови во надворешната политика и во надворешната трговија. А, претходно во октомври се залагаше за поактивна улога на Германија во надворешната политика.

Поголема улога за Германија

Тоа е само еден пример како двајцата политичари кои сакаат да дојдат на местото канцелар се позиционираат пред конзервативците од ЦДУ и од ЦСУ да донесат одлука за тоа кој ќе биде нивен кандидат за местото прв човек на германската влада на сојузните парламентарни избори на крајот на септември. Одлуката за тоа треба да биде донесена до 23 мај.

Повеќе:

-Со Лашет, ЦДУ останува на „курсот на Меркел“

-Избор на шеф на ЦДУ – кој ќе влезе во „чевлите на Меркел“?

-Дали Баварецот Зедер е идниот канцелар на Германија?

Јоханес Фарвик, професор по меѓународни односи од Универзитетот во Хале, укажува дека пред Лашет и Зедер претстои тешка задача. „Секој наследник на канцеларката, која има деценија и половина надворешнополитичко искуство и која е исчеличена низ бројни кризи, ќе мора да научи да ја игра таа улога. Истовремено, тежината на Германија на меѓународната сцена во последните години значително порасна и под тоа нема да оди ниту еден иден канцелар. Напротив, смената на функцијата  ќе го зголеми притисокот тој да се позиционира по клучните прашања“, вели Фарвик.

„Европеец“ и „неиспишан лист“

Лашет има повеќе искуство во надворешната, а особено во европската политика. Пораснат е во Ахен, во близина на тромеѓето на Германија, Белгија и Холандија. И многу рано развил свест за тоа колку е важна прекуграничната соработка. И за време на пандемијата Лашет, како премиер на Северна Рајна Вестфалија, ги бранеше отворените граници. Од 1999 до 2005 година беше пратеник и во Европскиот парламент, каде се занимавал со надворешна и безбедносна политика. И секогаш се залагал за повеќе храброст во европските интеграции.

Маркус Зедер нема такво искуство. Професор Фарвик за него вели дека по прашањето за европската политика е „сѐ уште неиспишан лист хартија“. Торстен Бенер, шеф на берлинскиот Институт за глобална јавна политика, оди и подалеку. Зедер „има малку или нема никаква емоционална врска со европскиот проект и нема да има задршки од опортунистички агитации против Брисел, ако тоа му изгледа политички корисно“, вели Бенер.

Трансатлантската ренесанса нема да биде бесплатна

Она што е заеднико за двајцата политичари е тоа што сакаат повеќе да се концентрираат на ЕУ и на Франција, отколку на САД. Ангела Меркел во 2003 година како претседателка на ЦДУ, партија која тогаш беше во опозиција, демонстративно отпатува во Вашингтон и го поддржа Џорџ В. Буш во војната во Ирак, иако големото мнозинство од Германците, вклучувајќи го и сојузниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер одлучно се спротиставуваа на тоа.

Во времето на Трамп трансатланските односи беа тешки. „Америка секогаш за нас била земја на слобода и на демократија“, со жалење потсети Лашет во говорот за време на неговата кандидатура за местото претседател на ЦДУ. Притоа, Лашет мислеше на упадот на симпатизерите на Доналд Трамп во зградата на Капитол во Вашингтон во јануари 2021 година. И Зедер неодамна призна дека за време на мандатот на Трамп неговата љубов кон Америка била на тежок тест. Двајцата сега полагаат големи надежи во новиот американски претседател Џо Бајден. Тој на неодамнешната вирутуелна Минхенска конференција за безбедност им порача на партнерите: „Трансатланскиот сојуз се врати“.

Но, приближувањето на Бајден кон Европа не е безусловно. Тој, на пример, како и неговиот претходник, бараше партнерите да ги зголемат своите трошоци за одбрана и да преземат поголема одговорност во безбедносната политика. Зедер со тоа начелно се согласува, но нагласува: „Ние не сме деца - ние сме партнери, а не вазали или подредени.“ Тоа го изјави Зедер пред неколку дена за агенцијата Асошиејтет прес. И Лашет ја поддржува целта на НАТО дека членките треба да издвојуваат 2 отсто од својот БДП за одбрана, од што Германија е се' уште далеку.

Зедер: Баланс помеѓу интересите и вредностите

Пречка за ренесансата на трансатлантската соработка е германската политика кон Кина и Русија. Се чини дека Бајден, како и Трамп претходно, смета дека Берлин е премногу попустлив кон владите на тие две земји поради трговски интереси.

Во тој поглед, сигурно ништо нема да се промени дури и ако Лашет или Зедер станат канцелар. Вистина, Лашет неодамна зборуваше за „конкуренцијата на системите“ меѓу Западот и Кина, но во исто време не сакаше да ја исклучи можноста кинескиот концерн Хуавеи да учествува во изградбата на мобилната мрежа 5Г,  на што Вашингтон гледа многу критички. И Зедер во врска со Кина, во интервју за јавниот сервис ЗДФ, минатото лето рече: „Ми се чини, најголемиот предизвик на германската надворешна политика во следните години ќе биде изнаоѓање на вистинска рамнотежа помеѓу интересите и вредностите.“  Тоа не е цврстината што ја очекува Вашингтон. 

Самостојна политика кон Русија

Што се однесува до Русија, и Лашет и Зедер се против прекин на изградбата на гасоводот Северен тек 2, што го бара Вашингтон. Лашет исто така сака атентатот врз рускиот опозициски политичар Алексеј Навални - што тој најостро го осудува - да биде јасно одделен од прашањето за трговијата со гас. А Зедер, со посетата на Москва пред една година,  ја продолжи традицијата на баварските премиери да водат сопствена баварско-руска трговска политика, која не е оптоварена со разликите во политичките мислења.

Настап на меѓународната сцена

Политичките аналитичари не очекуваат многу поинаква надворешна политика од онаа која ја водеше Ангела Меркел, без разлика на тоа дали нов канцелар ќе биде Лашет или Зедер. Напротив, Торстен Бенер и кај двајцата гледа склоност да ја продолжат досегашната политика, при што, смета, ќе наидат на препреки. „Од една страна, затоа што курсот на Ангела Меркел не може само така да продолжи, поради противречности. А од друга страна, затоа што можниот коалициски партнер, особено ако тоа бидат Зелените, ќе инсистира на промена на курсот на надворешната политика. Тука пред сѐ мислам на политиката кон Кина, бидејќи еднодимензионалната автомобилска надворешна политика на канцеларката ѝ нанесе на Германија огромна штета“, вели Бенер.

„Двајцата се политички професионалци кои досега немале надворешнополитички тежишта (...) Но, двајцата сигурно ќе откријат колку надворешната политика е важна задача за канцеларот. Лашет има повеќе надворешнополитичко искуство од Зедер, но двајцата се добро вмрежени на меѓународната сцена и двајцата се еднакво способни да настапуваат на таа сцена“, заклучува на крајот Фарвик.