1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел лобира против влез на Турција во ЕУ

16 септември 2004

Дека шефот на ЦДУ, Ангела Меркел отфрла целосно членство на Турција во ЕУ и наместо тоа предлага ”привилегирано партнерство” – не е ново. Не сите во редовите на партиите на унијата, ЦДУ и ЦСУ го делат ваквиот став. Сега Меркел упати писмо до европски премиери, членови на Европската комисија и претседатели на партии кои се дел од конзервативната Европска народна партија, во кое бара поддршка за својот став.

https://p.dw.com/p/AcLE
Ангела Меркел
Ангела МеркелФотографија: AP

Претседателот на германските христијански демократи, Ангела Меркел, сака да ги поврзе Турција и ЕУ во ”привилегирано партнерство” и на тој начин да спречи целосно членство на Турција во ЕУ. Соодветно барање, Меркел сака да поднесе во германскиот Бундестаг и се надева дека и останатите христијанско-демократски и конзервативни партии во Европа преземаат слични потези.

Во своето писмо, Ангела Меркел, укажува на тоа дека Турција почнала впечатлива реформска програма и дека на тој пат и е потребно засилување. Освен тоа, значењето на Турција како атлантски партнер и истовремено модел на лаицистичка, демократска држава во исламскиот свет, е недвосмислено. Нејзиниот концепт, вели лидерот на ЦДУ, не ја отфрла Турција, туку напротив го потенцира особениот карактер на партнерството.

Адреси на кое е испратено писмото на Меркел се – премиерите на Италија, Австрија, Франција, Луксембург, Холандија, Португалија, Грција и Естонија, како и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо.

На Турција и се ветени преговори за прием ако се исполнат определени услови, односно ако бидат спроведени низа реформи, меѓу кои посебно значење има почитувањето на човековите права. Германскиот социјалдемократ, Гинтер Ферхојген, до неодамна надлежен европски комесар за прашања на проширувањето на унијата, пред извесно време ја посети Турција за да создаде слика за состојбите на лице место. На почетокот од октомври, тој на комисијата треба да и даде соодветни предлози. Се вели дека тој ќе предложи ”условни преговори” кои не мора задолжително на крајот да завршат со целосно членство. Конечното решение околу почеток на преговори треба да донесат шефовите на држави и влади на ЕУ во декември.

Во рамки на Европската народна партија, пратениците од повеќето средоземноморски земји, како и земјите на Бенелукс и Велика Британија, се за приклучување на Турција. Критички настроени се европарламентарците од Франција, Германија и Австрија. Надвор до границите на ЕУ, за прием на Турција во унијата се залагаат САД. Германската влада исто така е за брз почеток на преговори за прием. Таа на тој начин застапува став кој е спротивен на мнозинството во Германија: според една анкета 57% од Германците се против членство на Турција во унијата. Процентот на застапници на таквиот став изнесува 34.