1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел „му откажа “ на Путин

ЖА/дв/дпа/ртре21 јуни 2013

Германската канцеларка Меркел учествува на економски форум во Санкт Петербург. Но, ненадејно е откажано планираното заедничко отворање на спорна изложба на уметнички дела земени од Германија и пренесени во Русија.

https://p.dw.com/p/18u2y
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фактичката причина за посетата на германската канцеларка Ангела Меркел и средбата со рускиот претседател Владимир Путин е нејзиното прво учество на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, едне вид конкурентен собир на Светскиот економски форуум во швајцарскиот Давос. Во фокусот на интересот меѓутоа целосно ненадејно се најде планираното заедничко отворање на изложба за Бронзената ера во „Ермитаж“, во која се изложени и експонати од т.н. „уметност-воен плен“, односно уметнички дела кои советските војници ги зеле од Германија и ги пренесле во Русија.

Непосредно пред полетувањето на канцеларката, беше откажано нејзиното учество на изложбата, што набљудувачите го оценија како - скандал.

Од германската делегација протече - Меркел во својот говор на отворањето планирала да побара враќање на одземеното уметничко богатство. Владиниот портпарол Штефен Зајберт изјави дека руската страна наспроти првичниот план го откажала поздравниот говор и го исфрлила од програмата. Откажувањето на заедничкото отворање потоа било одлучено од двете страни, тврди Зајберт.

Deutschland Museum Goldschatz von Eberswalde Bronzezeit
Дел од германската уметност од Еберсвалде, пренесена во РусијаФотографија: Imago

Така, Меркел може да се врати во Берлин порано, но сепак, како и што е планирано, да разговара со Путин околу еден час и потоа со него да одржи прес-конференција.

Дел од изложбата „Бронзено време - Европа без граници“ на светски познатиот музеј „Ермитаж“ е и спектакуларната „запленета уметност“, како Златната ризница од Еберсвалде, што советските војници по Втората светска војна ја донеле во Москва. Германија постојано инсистира на враќање, повикувајќи се на меѓународното право.

Никој точно не знае за колку слики и уметнички дела станува збор, но се проценува дека станува збор за „илјадници дела“.

Само од една галерија во Берлин се земени преку 400 слики, меѓу кои и дела на Рубенс и на Караваџо. Иако Берлин бара сликите да се вратат назад, Русија ја отфрла таквата можност. Москва вели дека сликите се наплатени „со крвата на советските војници“ и посочува дека она што го одзеле војниците на Наполеон, сега се чува во Лувр во Париз, а не се вратени ниту уметничките дела што германските нацистички војници ги одзеле од Русија.