1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Наша цел е сузбивање на нелегалната миграција

24 септември 2016

На самит на државите долж Балканската бегалска рута денеска во Виена е направен обид за биланс на направеното. Германската канцеларка смета дека постојат напредоци во спречувањето на илегалната миграција.

https://p.dw.com/p/2QYb8
Wien  Angela Merkel  Donald Tusk EU Gipfel Balkan Route
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Bruna

Германската канцеларка гледа напредоци во сузбивањето на илегалната миграција. Во споредба со ситуацијата од пред околу една година, постигнато е многу повеќе, изјави Меркел денеска во Виена, по завршувањето на самитот на единаесет европски држави посветен на бегалската криза.

„Нашата цела мора да биде колку што е можно повеќе да ја запреме илегалната миграција“, изјави Меркел. Таа на Грција и на Италија им вети натамошна помош во справувањето со бегалската криза. Така на пример, Германија од овие земји месечно ќе презема по неколку стотици мигранти со право на престој. Токму на овие луѓе им е потребна перспектива, истакна Меркел, најавувајќи можно проширување на опсегот на задачи на Европската агенција за заштита на границите, Фронтекс. Грција доставила барање за помош во надгледувањето на границата кон Македонија.

Германската канцеларка се заложи за засилување на активностите за репатријација на дојдените бегалци без право на азил. За таа цел најбрзо што може треба да бидат постигнати соодветни договори со Авганистан и со Пакистан. Слични спогодби како онаа со Турција треба да бидат склучени со Египет и со други африкански држави. „Во целина, нашиот план е сузбивање на илегалното доаѓање, а зајакнување на легалното“, истакна Меркел.

Додека ЕУ скептично гледа на затворањето на Балканската бегалска рута, претседателот на Советот на Унијата Доналд Туск на самитот повторно се изјасни за обезбедување на границите.

„Мораме практично и политички да се осигураме во тоа дека западната Балканска рута засекогаш останува затворена за илегалните мигранти“, изјави Туск уште пред средбата. ЕУ-комесарот за бегалци Димитрис Аврамопулос сепак ја истакна солидарноста и достоинството како основни вредности во ЕУ. „Но, солидарноста не значи бланко-чек“, изјави тој на адреса на ЕУ-државите кои досега избегнуваат фер-распределба на товарот на бегалската криза.

Самитот го свика австрискиот канцелар Кристијан Керн, а учествуваа премиерите на Грција, Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија, Унгарија, Бугарија и министерот за внатрешни работи на Романија.

Австрија на почетокот на годината се прости од својата култура на добредојде кон бегалците и сега е движечка сила во обидите да се сопре навалата на бегалци. Балканската рута е затворена од почетокот на март за бегалците и за мигрантите без важечки лични документи и влезна виза.

По првичното опаѓање на стигнати баратели на азил во ЕУ, сега бројката повторно расте. Во вториот квартал за азил во ЕУ аплицирале 305.700 луѓе, од кои 61 процент во Германија.

Ж.Ацеска