1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: „Посилни сме од тероризмот“

Сабине Кинкарц
31 декември 2016

Германската канцеларка ги охрабрува луѓето во Германија да влезат со оптимизам во Новата година и да му „покажат заби“ на тероризмот. За 2017. година Меркел најавува нови безбедносни мерки.

https://p.dw.com/p/2V55z
Deustchland | Neujahrsansprache BK Merkel im Bundeskanzleramt
Фотографија: REUTERS/M. Schreiber

Ова беше година на тешки испити за Германија, таков е ставот на канцеларката Ангела Меркел. Според Меркел, најтежок беше исламскиот тероризам. Таа потсетува на нападите во Вирцбург, Ансбах и Берлин - сите напаѓачи во Германија дошле за да бараат азил. Тоа е посебно горчливо, истакнува таа, зашто на таков начин ѝ се потсмеваат и на германската подготвеност да им се помогне на бегалците и на оние на кои помошта вистински им е потребна.

Меркел потсетува на жртвите од теророт, повикувајќи на „спротиставување на терористичкиот свет на омразата со човечност и заедништво“. Канцеларката реторички не ја напушта својата бегалска политика која е на мета на критики. „Со сликите од разурнатиот Алепо пред очите, уште еднаш можеме да кажеме колку важно и исправно беше тоа што нашата земја изминатава година им помогна да се снајдат и интегрираат на оние на кои заштитата вистински им е потребна.“

„Нашите вредности се посилни од тероризмот“, изјави Меркел, најавувајќи државни мерки за на граѓаните да им се обезбеди сигурност и слобода. „Во 2017. година сојузната влада што е можно побрзо ќе реши и ќе спроведе неопходни мерки онаму каде се тие политички или законски потребни“, изјави Меркел во говорот кој традиционално се емитува во последниот ден од годината по вечерните вести на првата програма на јавниот сервис АРД.

Deutschland Berlin - Bürger und Flüchtlinge Gedenken der Opfer
Берлин: граѓани и бегалци им оддаваат почит на жртвите во нападот во Берлин Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Повик на демократска кавга

Многумина, истакна Меркел, 2016. ја сметаат за година во која светот „излезе од колосек“. Во прашање се доведуваат достигнувања како Европската унија или парламентарните демократии, зашто наводно не им служат на интересите на граѓаните, што Меркел го коментира: „Тоа се искривени слики“. Да, Европа е трома и бавна, признава таа, но потсетува на германската историја: „Ние Германците не смееме да дозволиме некој да ни држи проповеди дека среќната иднина нѐ чека во националниот егоизам.“

Во септември 2017. година ќе бидат одржани избори за нов состав на Бундестагот, а Меркел повторно ќе биде кандидат на ЦДУ за шеф на владата. Таа не зборуваше за партиски работи, туку истакна дека парламентарната демократија подразбира „противречности и разговор“ во меѓусебното почитување. „Ќе се заложам за политички судир во кој за многу работи можеме со жар да се караме, но секогаш како демократи, кои не забораваат дека е чест да се служи на нашата демократија и на луѓето.“

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ