1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел сака нов ЕУ-договор

ЕМФ/дв/дпа26 август 2012

Германската влада има намера да ја турка напред европската интеграција. Канцеларката Ангела Меркел врши притисок за проширување на Фискалниот пакт со кој треба да се постигне поголема буџетска дисциплина.

https://p.dw.com/p/15wsU
Фотографија: Fotolia

Според информации на магазинот „Шпигел“, целта на германската канцеларка Ангела Меркел е шефовите на држави и влади на ЕУ да се договорат околу таканречен Конвент уште до крајот на годинава. Тоа тело потоа би работело на основите за нов ЕУ-договор, изјави советникот на канцеларката за европски прашања, Николаус Мејер-Ландрут. На тој начин Фискалниот пакт за поголема буџетска дисциплина, кој е веќе договорен, би се проширил со политичка унија. Резултатот од сето тоа би бил - можност за потесно координирање на одделните државни буџети на земјите членки на Унијата.

Angela Merkel Pressekonferenz Samaras
Предлогот на Меркел наидува повеќе на отфрлање, отколку на одобрување, пишува „Шпигел“Фотографија: dapd

Кога Конвентот би почнал со работа би се одлучило на самитот на ЕУ во декември. Сепак, како што се вели, досега ваквите намери на германската влада наидуваат повеќе на отфрлање кај останатите земји на ЕУ, отклку на одобрување. На неодамнешна средба на десетмина министри за надворешни работи на ЕУ, мнозинството го отфрлило ваквиот предлог на шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, се вели во извештајот на „Шпигел“. Дел од земјите, како Ирска, стравуваат од ризикот од референдум, кој би бил неопходен доколку е потребен нов ЕУ-договор, а и блиските сојузници на Германија, како Полска, се против, затоа што тие гледаат мали шанси за компромис меѓу 27-те земји членки на Унијата околу ваков еден предлог.