1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел со воздржан оптимизам за 2013-та

ЕМФ/дв31 декември 2012

Германската канцеларка Ангела Меркел во својот новогодишен говор ги повикува германските граѓани на храброст.

https://p.dw.com/p/17BUs
Фотографија: dapd

Во телевизискиот говор кој треба да биде емитуван денеска (31.12) германската канцеларка Ангела Меркел вели дека знае оти многумина „со загриженост влегуваат во Новата година“. „Навистина, економското опкружување наредната година нема да биде поедноставно, туку потешко“, нагласува Меркел. „Тоа меѓутоа не треба да не‘ обесхрабри, туку напротив - треба да биде поттик“, подвлекува канцеларката.

Еврокризата не е надмината

„За нашата благосостојба и за заедништвото ни е потребен вистински баланс“, вели Меркел, според која, подготвеноста за постигнување резултати е неопходна, исто како и социјалната сигурност за сите. „Колку е важен ваквиот баланс покажува европската должничка криза.“ Договорените реформи ќе почнат да покажуваат резултати. „Сепак и натаму ни е „потребно трпение“, нагласува канцеларката која повторува дека „кризата ни оддалеку не е надмината“.

Меркел бара и вложување поголеми напори за надзор на финансиските пазари. „Светот се‘ уште не ја научи лекцијата од разурнувачката финансиска криза од 2008 година. Сепак, никогаш повеќе не смее да има таква неодговорност како тогаш“, вели германската канцеларка, додавајќи: „Во социјалната пазарна економија државата е заштитник на редот и луѓето мора да можат во тоа да веруваат“.

За 2013 година канцеларката посакува: „Да ја направиме новата година година во која ќе ги докажеме уште еднаш нашите силни страни - нашето заедништво, способноста за нови идеи кои ни даваат економска сила. На тој начин Германија и во иднина ќе остане човечна и успешна“.

Меркел ја подвлекува одговорноста на секој поединец. „На почеток често се малкумина оние кои предводат, кои ќе покренат иницијатива и овозможуваат промени“. Благодарение на луѓето кои покренуваат иницијативи беше можно Германија во 2012. година „да има најниска стапка на невработеност и најголем број вработени од обединувањето до сега“, нагласува германската канцеларка во својот новогодишен говор.