1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Хитлер е предупредување за сите генерации

Борис Георгиевски/ап/афп30 јануари 2013

На одбележувањето на 80. годишнина од доаѓањето на власт на Адолф Хитлер, канцеларката Ангела Меркел ги повика Германците секогаш да се борат за своите принципи и да не дозволат повторно таква катастрофа.

https://p.dw.com/p/17UHC
Фотографија: picture alliance/Eventpress

Говорејќи на отворањето на изложбата во новиот музеј во Берлин, во кој е документиран нацистичкиот терор во првите години од владеењето, Меркел наведе дека академици и студенти со задоволство им се придружиле на нацистите во палењето на книгите кои ги сметале за субверзивни.

„Подемот на нацистите беше можен затоа што елитата на германското општество работеше со нив, но уште повеќе, затоа што мнозинството во Германија го толерираше нивниот подем“, порача германската канцеларка.

Откако освои околу една третина од гласовите на изборите во Германија во 1932 година, Хитлер го убеди остарениот претседател Паул Фон Хинденбург да му ја довери канцеларската функција на 30 јануари 1933 година, со што беше отворен патот за војната и геноцидот кои следуваа. Еден месец откако дојде на функцијата канцелар, Хитлер го искористи палењето на Рајхстагот, за кој ги обвини комунистите, да ја зајакне својата власт. Ги суспендираше цивилните слободи и ги забрани опозициските партии. До средината на летото 1933 година, нацистичката партија беше единствената политичка партија во Германија.

Machtergreifung NSDAP Hitler Reichskanzler
Именувањето на Хитлер за канцелар, 30.01.1933Фотографија: Ullstein

Слободата треба да се избори

Фактот дека Хитлер успеа да ја урне германската демократија за неполни шест месеци, за канцеларката Меркел е доволно предупредување за денешните генерации доколку се апатични.

„Човековите права не се спроведуваат сами од себе, слободата не се раѓа сама од себе, а демократијата не успева сама од себе“, порача Меркел. „На модерното општество му се потребни луѓе кои имаат почит и однос едни кон други, кои преземаат одговорност за себе и за другите, каде луѓето преземаат одважни и отворени одлуки и кои се подготвени да прифатат критика и опозиција“, рече германската канцеларка.

По отворањето на новиот меморијален центар, кој е изграден врз остатоците од зградата на нацистичката тајна служба Гестапо, седница одржа и германскиот парламент на која им беше оддадена почит на жртвите на нацистичкиот терор. На парламентарците им се обрати писателката Инге Дојчкрон, 90-годишна Еврејка од Берлин која го преживеала погромот на нацистите. Таа потсети дека мнозинството Германци го славеле доаѓањето на власт на Хитлер. Исто така, голем дел од жителите на Берлин со незаинтересираност ја следеле судбината на Евреите, кои во првите години биле принудени да носат жолти ѕвезди на облеката.

Eröffnung der Ausstellung 1933 Der Weg in die Diktatur
Изложбата „Патот кон диктатурата“Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога ја посетила земјата по завршувањето на војната, Дојчкрон забележала дека мнозинството Германци „едноставно ги избришале од своето сеќавање злосторствата на претходниот режим“. Дојчкрон ги цитираше изјавите на првиот германски поствоен канцелар Конрад Аденауер, кој велел дека мнозинството Германци му се спротивставувале на нацистичкиот режим и дека многумина им помагале на Евреите да се спасат.

„Би било убаво тоа да беше вистината“, порача Дојчкрон.