1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меси сака да го плати даночниот долг

АТ/ макфакс23 јуни 2013

Аргентинската фудбалска ѕвезда Лионел Меси е подготвен во целост да го исплати доночниот долг. Шпанското обвинителство во меѓувреме покрена обвинение против Меси и неговиот татко за затајување данок за периодот 2007/2009

https://p.dw.com/p/18udr
Фотографија: Reuters

Во соопштение на адвокатската канцеларија, којашто ги застапува интересите на фудбалерот на каталонскиот гигант Барселона Лионел Меси, се вели: „Веруваме дека нашиот клиент ги исполнил сите свои парични долгови, а доколку биде потребно ќе го плати и остатокот од износите кои му се ставаат на товар“.

Со тоа Меси би го избегнал обвинението за затајување на данок. Меси е подготвен да го плати данокот, иако решително ги одбива обвиненијата дека заедно со неговиот татко наводно затаил данок во износ од четири милиони евра.

„Мирни сме бидејќи знаеме оти сме невини. Никогаш ништо не сме затаиле, ниту, пак, нешто должиме на државата“, изјави во петокот Меси, таткото на најдобриот светски фудбалер. Изјавата следеше откако шпанското обвинителство покрена обвинение против Меси и неговиот татко за затајување данок во периодот од 2007 до 2009 година.

Lionel Messi und Vater Jorge
Лионел Меси со татко муФотографија: picture-alliance/Cordon Press

„Станува збор за недоразбирање меѓу даночната управа и нашите советници“, рече таткото на фудбалерот. Годишно „плаќаме износ од две бројки, по кои следат шест нули", вели таткото на фудбалерот Меси.

Меси и неговиот татко треба да се појават пред судот во Барселона на 17-ти септември годинава.

Аргентинецот наводно избегнал да плати данок од 2007 до 2009 година, а со татко си лажно прикажувал приходи од рекламните кампањи користејќи ги компаниите во Белизе и Уругвај. Обајцата ги негираат обвинувањата.

Шпанските медиуми пишуваат дека заради наведеното прикривање, Меси би можел да биде осуден на затворска казна и до шест години. Според шпанскиот кривичен закон донесен оваа година, Меси во најлош случај би можел да плати парична казна од 10 милиони евра. Правните експерти тврдат дека Меси не може да добие затворска казна, бидејќи досега немал полициско досие, а ако се договори со Министерството за финансии, ќе помине и без судење.