1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мехмети Деваја: ДУИ останува на евроатлантската агенда

2 јуни 2011

Ермира Мехмети Деваја спаѓа во генерацијата млади, образовани кадри на ДУИ. Таа за ДВ вели дека решавањето на спорот за името треба да е приоритет на идната влада, но илузија е дека тоа може да се реши за три месеци.

https://p.dw.com/p/11Ssr
Фотографија: Petr Stojanovski

Оваа кампања на ДУИ поминува без традицоналните теми од приоритетната евероатлантска агенда. Дали тоа значи дека се приклонивте кон поатрактивните социо-економски теми и ветувања?

„Никогаш не сме отстапиле од нашата проевропска и про НАТО агенда. Можеби се создава впечатокот дека има отстапување, но моја оценка е дека тоа повеќе се должи на фактот што генерално во оваа кампања недостасува просторот за дебата и за соочување меѓу кандидатите за пратеници. Намерно одбравме повнимателна реторика, слушајќи ги нашите конкуренти дека тие би успеале за три месеци да го решат спорот со името. Тоа е апсолутно нереална проценка“.

Колку тоа значи дека просторот им го препуштате за соочување на партите во македонскиот електорат?

„Тоа не значи дека на Македонците сме им го оставиле тоа прашање околу името, но веќе непостои никаква дилема, дека во албанскиот партиски кампус постои општа согласност околу потребата што поскоро да се надмине, да се дојде до разрешница. Во оваа смисла ДУИ и натаму ќе биде дел од процесот за изнаоѓање компромис, а ги охрабруваме македонските политички фактори, двете поларизирани страни, да создадат меѓусебна доверба, што е апсолутно потребно, пред да се работи на довербата меѓу Македонија и Грција за изнаоѓање на конечно решение.“

Дали македонското граѓанство е подготвено да прифати, сепак, евентуална промена на името што би не довело до компромис со Грција?

„Целиот процес стагнира, целиот Балкан стагнира. Република Србија, имам впечаток, реши прагматично да се постави кон своите проблеми. Таква промена треба, мора да се случи и кај нашата политичка елита. Како држава, која беше лидер во регионот по реформите, во надминувањето на етничките тензии, несмееме да останеме во друштво на Босна, со проблемите околу нејзиното државно уредување, па и Косово со внатрешните тензии во однос со северот, во група на држави со нерешен статус. Ние сме земја, која има изградено функционална демократија, ги исполнува европските реформи и НАТО стандардите. Останува да успееме, сите заедно треба да речеме - Да?! Спорот мора да се реши за да добиеме членство во ЕУ и НАТО. Тоа мора да се случи во следниот мандат на идната Влада, затоа што ова ќе биде трет мандат за ВМРО-ДПМНЕ, партијата која овој пат има најголема обврска да го испорача компромисот за името“.

Како му објаснувате на членството една критичка опсервација од јавноста, дека ДУИ и лидерот Ахмети биле на одреден начин жртвеници на политиката на премеирот Груевски и ВМРО-ДПМНЕ?

„Ниту еднаш на членството не му зборуваме, па и во оваа кампања, дека во владата сме биле и сме постигнувале само успеси. Ние имаме доблест да бидеме самокритични“.

Дали така ве доживуваат и во карадаречкиот регион, во липковскиот крај, од каде поради социјалните невољи и тргна азилантскиот бран од Македонија кон ЕУ, по визната либерализација?

„Азилантите, за жал, беа група на луѓе кои некој успеа да ги изманипулира. Сега во регионот не доживуваат со респект. Мислам дека во овие партиски години успеавме паралелно да спроведеме два процеси. Првиот е оној националниот, политичкиот, со прашањето за официјализирање на албанскиот јазик, за правична застапеност, универзитетот, симболите. Другиот процес беа социјалните решенија, инфраструктурните градби и мислам дека успешно ги реализираме.“

Меѓу албанскиот електорат се одвива релативно коректна и демократска кампања. Дали стравувате од т.н. постизборно насилство кое би резултирало дури и со непризнавање на изборниот резултат и од власта и од опозицијата во македонскиот електорат?

„Јас мислам дека такво сценарио несмее да ни се случи. Опозицијата беше таа што повикуваше на предвремени избори и фер би било изборниот резултат да се признае. Нам не ни е потребна внатрешна криза, како што ја гледаме во Албанија по изборите. Кампањата на најдобар начин покажува, ако лидерите на власта имаат воља да спроведат фер и демократски избори, тоа е возможно. Затоа атмосферата во албанскиот кампус е позитивна и има добро расположение, најважно од се’, луѓето не се чувствуваат загрозени за нивниот живот, што не беше случај во 2008-та година“.

Госпоѓа Мехмети Деваја, вашиот лидер Ахмети останува на ставот дека би бил партнер на победничката партија во македонскиот блок. Дали е возможно коалиција од другите албански партии да биде партнер, а вие да останете во опозиција?

„Без оглед дали е ДУИ или која било друга партија кај Албанците, доколку сака да биде дел од власта, ќе мора да коалицира со најбројната партија кај Македонците, а тоа се чини, барем досега, е ВМРО ДПМНЕ. Владата треба да ја составуваат победниците во двете етнички заедници. Секоја друга комбинација, вклучително и онаа дека и актуелната македонска опозиција би можела да се здружи, па поголемата партија, по овие избори, да остане во опозиција, ќе биде решение што нема да ужива легитимитет. Тогаш ќе се постави прашањето – како ќе пристапиме кон решавање на спорот околу името и другите отворени прашања, ако во Владата седат партии без победнички легитимитет од овие парламентарни партии“, вели Ермира Мехмети Деваја, еден од најдоверливите соработници на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска