Меѓународната заедница потфрли во Алепо

Ситуацијата во Алепо е драматична. Хуманитарните организации жестоко ги критикуваат Обединетите нации и меѓународната заедница за нивниот удел во сирискиот хорор.

Лесно се забележува колку Кони Ленеберг е потресена. Гласот ѝ трепери, се бори да остане присебна. Ленеберг работи како регионална директорка за Блискиот Исток за хуманитарната организација Ворлд Вижн. Веќе 25 години таа е активна во меѓународните програми за соработка и развој. Она што сега се случува во Алепо ја запрепастува:

„Состојбата во моментов е катастрофална, нема болници кои функционираат, нема никаква медицинска грижа. Во големи делови не може да биде гарантирано ниту основно снабдување со вода и прехранбени производи.“

Алепо важеше за последно преостанато упориште на сириските бунтовници. Во меѓувреме сириската армија со поддршка на Русија и на Иран повторно го освои речиси целиот град. Под притисок на Русија и на Турција, сириското раководство на почетокот на неделата изрази подготвеност за прекин на огнот. Спорадични борби меѓутоа и натаму има. Новинарите присутни на лице место портретираат град во урнатини.

Страв за цивилното население

Хуманитарната организација Ворлд Вижн веќе четири години е активна во Сирија. Тоа не е лесна задача. За Кони Ленеберг најважно е да се обезбеди основно снабдување со вода и со прехранбени производи. Нејзе ја води пред сѐ загриженоста за цивилното население: „Многу ни е голем стравот за тоа што се случува со цивилното население. Фактот дека деца, жени и мажи, кои немаат ништо со вооружениот конфликт се наоѓаат меѓу фронтовите, го покажува комплетното потфрлање на меѓународната заедница“. Надежите за долготраен мир постојано беа уништувани. Колку е непрегледна ситуацијата и колку поделена е меѓународната заедница околу сирискиот конфликт стана кристално јасно на почетокот на октомври. САД, имено ги замрзнаа директните преговори со Русија околу прекин на огнот во Сирија.

И така граѓанската војна во земјата продолжи да беснее со сета свирепост. Од нејзиното избувнување во 2012 година, како жртви паднаа милиони луѓе.

Народ во бегство

Свирепоста на борбите ги тера луѓето во бегство. Во целата земја од избувнувањето на војната во бегство се наоѓаат 12 милиони луѓе. Тоа е повеќе од половина од вкупното сириско население. Кони Ленеберг, со оглед на депримирачките бројки, веќе не го крие својот презир за неактивноста на меѓународнта заедница: „Знаете, јас како дете израснав со приказни за Втората светска војна. Баба ми постојано раскажуваше, како ѝ било нејзе како млада мајка со четири деца додека била во бегство. Среде зима, без точно да знае каде да се оди, каде е следното прибежиште, каде нареден пат ќе најде нешто за јадење. По Втората светска војна, Обединетите Нации беа формирани токму од оваа причина: да спречат да се повтори едно такво страдање“. Во Сирија, вели Ленеберг, баз какви било илузии, „ веќе четири години гледаме дека меѓународната заедница не е во состојба да си ја исполни својата обврска“.

Следете нѐ