1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓународниот кривичен суд пред историска пресуда

14 март 2012

Денеска се очекува да биде донесена првата, историска, пресуда од Меѓународниот кривичен суд. На обвинителната клупа во Хаг веќе пет години се наоѓа поранешниот лидер на бунтовничка група во Конго, Томас Лубанга.

https://p.dw.com/p/14KFL
Обвинетиот Томас ЛубангаФотографија: AP

Кога судењето против Томас Лубанга беше конечно отворено во 2009 година, еден од првите сведоци раскажа што видел кога еден член на групата на Лубанга се обидел да побегне.

„Младото момче беше убиено кога се обиде да побегне“, одговори сведокот.

Недалеку од него седеше човекот обвинет дека го одобрил убиството- Лубанга, основачот на Унијата на конгоанските патриоти во Демократска република Конго. За време на судењето, Лубанга се однесуваше како да не знае ништо за она што се говори.

Задоволување на правдата

Flash-Galerie Internationaler Strafgerichtshof in Den Haag ICC
Судиите на Меѓународниот кривичен суд во ХагФотографија: AP

Тој беше уапсен од конгоанските безбедносни сили во 2006. година и оттогаш се наоѓа под јурисдикција на Судот во Хаг. Обвинителството тврди дека во периодот меѓу 2002 и 2003. година Лубанга регрутирал илјадници малолетни деца од областа Итури во источно Конго. Момчиња и девојчиња на возраст меѓу 7 и 15 години биле убивани, користени како војници или како секс-слугинки.

За главниот обвинител Луис Морено Окампо, клучното прашање е да биде задоволена правдата.

„За мене е најважна казната. Овде се работи за деца од кои биле создавани убијци“, вели тој.

Во меѓуплеменскиот судир во Конго кој се разгоре кон крајот на 90-те години на минатиот век, загинаа повеќе од 60 илјади луѓе. Подоцна конфликтот се пресели и во соседните Руанда и Уганда. Лубанга и неговата бунтовничка група се сметаат за одговорни за масакри врз цивилното население.

Luis Moreno Ocampo Konferenz Den Haag Libyen Flash-Galerie
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд- Луис Морено ОкампоФотографија: picture alliance/dpa

Идентитетот на сведоците

Во текот на судењето најголема дебата се водеше околу идентитетот на сведоците. Судот на крајот дозволи нивниот идентитет да остане заштитен, на што жестоко се противеше одбраната на Лубанга.

„Треба да се знае дека сите оние кои сведочеа како деца-војници всушност лажеа. Осум од деветмината сведоци никогаш не биле дел од бунтовничката група“, тврдеше адвокатката на Лубанга.

За Меѓународниот суд во Хаг ова е многу важен случај од повеќе причини. Освен што процесот против Лубанга е првиот по формирањето на Судот пред 10 години, ова е и прв случај во кој едно лице се гони поради злоупотреба на деца-војници и може да постави важен правен преседан за други слични случаи.

Лубанга е еден од 20-те осомничени за кои Судот досега издаде налог за апсење. Меѓу останатите се и актуелниот судански претседател Омар Ал Башир, како и синот на екслибискиот диктатор, Саиф Ал Ислам Гадафи.

Автор: Јулија Хан/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски