1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу семејството и индустријализираното општество

Нада Штајнман 7 јануари 2009

Интервју со Лидија Стојановиќ, научен соработник на Институтот за фолклор од Скопје. Во нејзиниот научен труд таа ги опишува карактеристиките на македонската емиграција во Германија.

https://p.dw.com/p/GTjo
Старата катедрала во центарот на КелнФотографија: picture-alliance / Bildagentur Huber

Какви се белезите на македонската емиграција во Германија? Сеопфатен одговор на ова прашање нуди Лидија Стојановиќ, научен соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје. Таа во нејзината неодамна објавена книга аналитички ги претставува резултатите од нејзиното истражување на оваа тема спроведено во 2003 година во Хамбург. Во целото интервју што можете да го слушнете во аудиопонудата кон овој прилог, Стојановиќ открива детели од нејзиниот научен труд. Во продолжение, во пишана форма, ви нудиме дел од одговорите на Стојановиќ, од интервјуто што со неа го водеше Нада Штајнман.

ДВ: Што е карактеристиката на првите генерации кои дојдоа во Германија, како тие се снајдоа во Германија?

Лидија Стојановиќ: Интересно за нив беше првото доживување што може да се дефинира како страшен културен шок, едноставно нови навики. Најинтересно за нив може да се каже дека е играта помеѓу одржувањето на старите навики и темпото на усвојувањето на новите навики што ги бара новото општество, во коешто треба да се интегрираат. Клучната улога во интерграцијата ја одиграа клубовите и црквата, коишто беа стратегија не само за формирање на слободното време, туку може да се каже дека претставуваа клучна улога за преминот од двата типа на солидарност, механичка во органска, односно од колективниот рурален начин на живот во индивидуализирање на референците, односно типично индивидуалниот начин на живот, што го налага еден високоиндустријализиран град.

Можеме тоа вака да го објасниме, Македонците, кои живееја во селата во првите генерации, го напуштаа своете родно огниште, каде што ги познаваа луѓето и доаѓаа во една туѓа средина каде што дојдоа да заработат пари. На што наидоа емигрантите од Македонија, на какви проблеми наидоа во Германија во тоа ново развиено општество?

Лидија Стојановиќ: Најдобрата дефиниција ја кажаа емигрантите, моите испитаници, моите информатори коишто едноставно најрезимирано, меѓутоа и најсеопфатно ги дефинираа двете земји на следниов начин, вака се изјаснија: „Германија ни ја дава економската сигурност, а Македонија, којашто ја напуштивме, ни ја даваше социјалната сигурност и близина“. Всушност, во ова може да се согледа разликата во двата типа на општества, првото - македонско фамилијаристичкиот тип на општество и вториот тип е високо индустријализираниот тип на општество, односно Германија.