1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу спортот и национализмот

19 август 2009

Иако неискусна во спортот, Македонија сепак ги следи непопуларните светски трендови на злоупотреба на спортската страст во неспортско однесување. И Македонија има свои хулигани во редовите на навивачките групи.

https://p.dw.com/p/JDxT
Хулиганството не е само македонски феноменФотографија: AP

Аналитичарите имаат различни толкувања за потеклото на хулиганството, за коренот на злото во македонскиот спорт. Но единствени се во оценката дека државните и спортските институции, фудбалските клубови и спортски сојузи треба итно да реагираат за да оневозможат спортското дивеење да добие подлабоки димензии во другите општествени сегменти.

Васил Тупурковски е претседател на Македонскиот олимписки комитет. Смета дека инцидентите во спортот се најдиректен одраз на поделеноста на македонското општество во сите сфери. „Целосно сме поделени како народ. На тој народ, во тие поделби заради политички поделби, кога е неопходен некаков степен на единство, ни требаат некакви непријатели и во овој случај на меѓуетнички план можеме да произведеме непријатели за минута. Тоа за Македонците се Албанците и обратно“, вели Тупурковски и предупредува дека политиката често пати го злоупотребува спортот. Навивачите се млади луѓе на кои им е потребна идентификација, па се лесна мета за манипулација.

Пресликување на однесувањето

Neue Sporthalle in Skopje
На спортските терени се отсликуваат проблемите во општествотоФотографија: Macedonian Information Agency - MIA

Сличен е ставот на социологот Илија Ацевски. Тој вели дека навивачите, меѓу кои најбројни се децата, го имитираат однесувањето на возрасните, па како што политичарите се расправаат во парламентот, младите навивачи се соочуваат на трибините. „Најчесто ги имитираат постарите, го манифестираат она што е присутно во општество, тие само го даваат тоа во јасна форма, дека во тој систем, во тоа општество, постојат некои противречности и судири на кои тие му даваат израз“.

Декларативни изјаснувања против хулиганството

Хулиганството во македонскиот спорт не е непозната категорија. Ретки се навивачките групи кои можат да се пофалат дека не учествувале во инциденти и тепачки. „Шверцери“ се нарекуваат навивачите на фудбалскиот клуб Слога Југомагнат од Скопје. Беа обвинети дека за да им се одмаздат на „Комитите“ за дивеењето во Нерези пред неколку дена претапале случаен минувач. Негираат дека се вмешани во нередите и тврдат дека се залагаат за достоинствено навивање. Портпаролот на оваа навивачка група од Скопски Чаир кој на Дојче веле се претстави како Трип изјави.

„Насилството во спортот треба да престане“. „Комититите“ не сакаат да зборуваат јавно за инцидентот што се случи во неделата. Тие дивееја кога одеа да го бодрат својот тим, по натпреварот се судрија со локалното население, главно етнички Албанци од скопската населба Нерези. Во соопштение се прогласуваат за последни бранители на македонизмот и барат полицијата да ги гони радикалните исламистички структури а не да затвора недолжни деца. Претседателот на Вардар, фудбалскиот клуб што го бодри оваа навивачка група, Бојан Зафиров, вели дека раководството работи на дисциплинирање на непослушните навивачи и не толерира никакво насилство.

„Преземаме низа мерки, секогаш разговараме на отворени состаноци, на кои каниме лица од МВР, стручњаци за спортски менаџмент, претставници од невладиниот сектор во делот на едукацијата за спортското и фер навивање. Никогаш како клуб не сме поддржувале насилство и инциденти на стадионите. Се трудиме да организираме натпревари според стандардите на ФФМ и МВР и законите во делот на безбедноста“.

Поостри казни

Фудбаласката федерација на Македонија размислува за поостри казни за спортските хулигани. Портпаролот на ФФМ Зоран Николовски вели дека се подготвува стратегија за сузбивање на насилството на спорските терени. „ФФМ има голем број мерки што ги спроведува, имаме изречено казни на многу клубови да играат надвор од своите градови поради непримерно однесување на нивните навивачи или пак да играат натрпевари без публика. Меѓутоа, во тој поглед има уште многу да се работи, еден од предлозите е да се издаваат членски карти за да има контрола за која навивачка група станува збор, кој е шеф на таа навивачка група кои се членови и така натаму“.

Светот познава примери кога вистинки војни започнувале токму на спортските арени, предупредува спортскиот коментарот и уредник во А1 телевизија Тони Стојановски. Уверен е дека Македонија е далеку од ваквите искуства.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

„Кај нас прашањето е филозофско. Што е постаро, јајцето или кокошката. Не мислам дека конфилктите во општествто можат да бидат предизвикани од спортски настан, бидејќи тие конфликти произлегуваат од некои други состојби во државата и се постари од ривалствата на навивачките групи од различни националности“.

Прашањето „дали дивеењето на навивачките групи има разурнувачка енергија доволно моќна да предизвика подлабоки и поостри судири во кревкото мултиетничко општество“ заслужува подлабока анализа. Првиот тест на теренот е веќе в недела. „Комитите“ најавија дека планираат да заминат во Тетово, за да навиваат за Вардар на мечот против Ренова.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска