1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мигрантите во Германија се незаменливи

Фридел Таубе / Симе Недевски10 октомври 2012

Од почетокот на доаѓањето на т.н. „гастарбајтери“ во Германија минаа 60 години. Во меѓувреме, земјата за нив и нивните потомци стана дом. Уште повеќе - тие станаа незаменливи.

https://p.dw.com/p/16Lbh
Фотографија: Fotolia/Andres Rodriguez

Веројатно тоа ќе беше спортско бламирање. Само шестмина германски фудбалери ќе играа на полуфиналниот меч на Европското првенство во фудбал против Италија, ако на теренот не беа играчите со странско потекло: Сами Кедира (Тунис), Месут Езил (Турција), Жером Боатенг (Гана), Лукас Подолски (Полска) и Марио Гомез (Шпанија). Сите тие се родени во странство или се деца родени во Германија со родители дојдени од странство. Благодарение на нивните германски пасоши можат да играат во германската фудбалска репрезентација. Важноста што ја имаат мигрантите во германското општество е огромна.

15,7 милиони мигранти во Германија

7,1 милиони луѓе живеат во Германија без германски пасош, а 8,6 милиони се Германци со миграциско потекло, покажува анализата на пазарот на труд од јуни 2012. година, спроведена од Сојузниот завод за вработување. Тоа се вкупно 15,7 милиони луѓе со странско потекло во Германија, или 19 проценти од целокупното население.

Mannschaftsbild Nationalmannschaft Deutschland EM 2012 Trainingslager
Шарениот „лик“ на германската фудбалска репрезентацијаФотографија: picture alliance / dpa

Новинарот Пит фон Бебенбург и неговиот колега Матијас Тиме интензивно се занимаваа со значењето на мигрантите во Германија. Во нивната книга „Германија без странци“ е опишано следното сценарио: Што би се случило ако сите мигранти без германски пасош, околу 7 милиони, би морале да ја напуштат Германија од денес до утре? „Нема област од животот која нема да биде погодена“, вели Фон Бебенбург во интервјуто за ДВ. „Најдраматично тоа ќе влијае врз метрополите во западна Германија.“ На пример, хесенската метропола Франкфурт на Мајна ќе треба да ја напушти една четвртина од населението.

3,4 милиони странци работат во многу работни и економски области. „Во областа на гастрономијата работат најмногу странци, 20 проценти“, објаснува Фон Бебенбург. Ако странците ја напуштат земјата, многу Германци ќе треба да се научат на откажување, затоа што донерот уште пред неколку години го замени колбасот со кари сос како најомилена брза храна во Германија. Годишно за донер во Германија се трошат 122.000 тони месо, објави неодамна „Тагесшпигел“.

Интеркултурен придонес на мигрантите

Но, значењето на мигрантите за Германија оди многу подалеку од бројките на пазарот на труд и од донерот. Ајше Демир, заменик на сојузниот претседател на Турската заедница во Германија, за ДВ истакнува: „Мигрантите овде, со оглед на нивните интеркултурни компетенции, даваат многу вреден придонес.“ Дека благодарение на мигрантите, мултикултурноста се чини стана нормална појава за се’ повеќе Германци, сведочат меѓу другото и 1,8 милиони мешани бракови на Германци со странци, кои ги регистрираше Сојузниот завод за статистика во 2010. година. Бројот на интеркултурни бракови и натаму расте.

Турците со 2,9 милиони ја сочинуваат далеку најголемата група мигранти во Германија. Многу од нив се дел од семејства на т.н. гастербајтери кои се дојдени во Германија по склучувањето на Германско-турскиот договор за привлекување работна сила, кој датира од 1961. година. Слични договори веќе имало со Италија и Грција во повоениот период. Таканареченото „економско чудо“, односно подемот на тогашната Западна Германија по Втората светска војна, не ќе беше возможен без помошта на гастарбајтерите, смета Ајше Демир: „Мигрантите работеле во преработувачката индустрија и придонесле многу за подемот на економијата.“

Türkisches Restaurant Beginn des Ramadan
Новото германско „национално“ јадење- донерФотографија: picture alliance/dpa

Во 21-от век во Германија се доселуваат особено многу висококвалификувани странци. Според една студија на Институтот за германска економија, во 2009. година повеќе од 20 проценти од мигрантите биле висококвалификувани стручњаци и раководни кадри. Поради евро-кризата се‘ повеќе лекари, инженери и ИТ-стручњаци од Шпанија, Португалија или Грција се решаваат за работа во Германија.

Отфрлањето може да се почувствува и е мерливо

Историјата на миграцијата во Германија - една голема успешна приказна? Според една студија спроведена на Универзитетот Билефелд, 47 проценти од Германците се критично настроени кон мигрантите.

Со својата книга „Германија без странци“ авторите Бебенбург и Тиме сакаат против предрасудите да се борат со факти. „Ние сме во моментов во транзиција, во која се’ уште постојат тензии и конфликти, но мислам дека наскоро ќе стане сосема нормално да се има миграциско потекло “ , смета Бебенбург.

Во Германија веќе има култура на добредојде. Култура како во фудбалската репрезентација, која за тимот е нормална. Култура која на германскиот „мулти-култи“ тим можеби наскоро ќе му ја донесе наредната меѓународна титула.