1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Миграцијата – жешка тема за германските музеи

Клаудија Превезанос/ Игор Смилевски27 декември 2012

Во последно време, имиграцијата е атрактивна тема за голем број германски музеи. Според австриската историчарка Регина Вониш, музејските експонати на оваа тема претставуваат чекор во правилна насока.

https://p.dw.com/p/16hpU
Фотографија: Manfred Wegener © StadtRevue Verlag

ДВ: Зошто сметате дека темата „имиграција“ припаѓа во музеите?

Регина Вониш: Бидејќи имигрантите се доста значаен дел од нашето општество. Меѓу другото, музеите се институции во кои се разработуваат и социјални прашања. Имиграцијата како феномен има голема традиција во нашата историја, па оттаму логично е да постојат и музејски експонати на оваа тема.

ДВ: Дали Германија се разликува од останатите држави, во пристапот кон имиграцијата како тема?

Pегина Вониш: Германија, Франција и англо - американските држави имаат различен пристап кон имиграцијата. Во Германија, оваа тема излезе на површина благодарение на активноста на голем број организации, кои се занимаваат со различни аспекти од истата. Секоја од овие организации се стреми во преден план да ја исфрли својата перспектива, на пример имиграцијата од Турција кон Германија. Денес, речиси во секој германски град постои експонат посветен на имиграцијата. Во земјава, последниве неколку години темата се движи од периферијата кон центарот. Најпрво беше третирана во музеите на помалите градови, а сега свои експонати има и во „Германскиот Историски Музеј“ во Берлин и Музејот „Куќа на историјата“ во Бон.

Во САД, Канада и Австралија е сосема поинаку. Таму имиграцијата е дел од нивната национална приказна. Тоа е вткаено и во химните на овие земји. Но кај нив фокусот е само врз еден вид на имиграција, од Европа кон САД.

Франција исто така има многу музеи посветени на имиграцијата. Во споредба со Германија, очигледна е силната централизација, бидејќи повеќето вакви музеи се наоѓаат во главниот град, Париз. „Националниот Центар за историјата на имиграцијата во Франција“ е онован во 2007 година.

Museum für Spulkralkultur in Kassel
Фотографија: Museum für Sepulkralkultur

ДВ: Како музеите во Германија пристапуваат кон оваа тема ?

Pегина Вониш: Здруженијата на имигранти акцентот најчесто го ставаат на 60-те години од минатиот век: период во кој многу луѓе ги напуштиле своите земји со цел да најдат подобра работа. Од друга страна, музејските експонати го прикажуваат развојот на имиграцијата уште од многу одамна, во доста проширена форма. Тоа е така со цел да се посочи дека во Германија миграциони движења имало уште во далечното минато. Од една страна тоа е добро бидејќи покажува дека имиграцијата е сосема вообичаена појава. Но од друга страна, многу луѓе сметаат дека доста од сегашните проблеми се занемаруваат, кога миграцијата се прикажува како сосема нормален феномен, карактеристичен за луѓето од целиот свет.

ДВ: Во Германија, изложбите посветени на имиграцијата се во пораст. Колку е сево ова позитивно, од аспект на културната политика?

Pегина Вониш: Добро е кога имиграцијата ќе прерасне во тема за дебата, но на крајот најважно е што општеството превзема за да се реши овој проблем. Ако уште еднаш дозволиме имиграцијата да стане приказна за „другите“, тогаш постои ризик да се појават нови форми на дискриминација. Но исто така има и уникатни иницијативи, како на пример онаа на „Градскиот Музеј“ во Штутгарт, од каде што велат: „Имиграцијата е нераздвоен дел од историјата на нашиот град и затоа припаѓа тука“.

Regina Wonisch Historikerin Uni Klagenfurt
Регина ВонишФотографија: privat

ДВ: Какви новитети во иднина може да се очекуваат на тема „имиграцијата и музеите“?

Pегина Вониш: Сметам дека во иднина треба да има повеќе теми кои ќе ги привлечат луѓето со различни етнички позадини. Нешто што веќе се случи во областа на женските права и половата категоризација. Ваквите категоризации се конструкција, а тоа треба да биде тема сама по себе. Кога луѓето се дефинираат и категоризираат во групи, тие во очите на другите исполнуваат некои критериуми за тоа. Музејските експонати за имиграцијата се само почетен чекор – тие јавно ги обелоденуваат критериумите за таквата категоризација. Но тоа не е и не смее да биде крајната цел.

Музејската разработка на имиграцијата треба да биде долгорочна тема. Во Бремерхавен постои музеј кои се занимава со миграционите движења кон и од Германија. Но тоа е специјализиран музеј. Главното прашање е дали имиграцијата ќе успее долгорочно да опстои во музеите како „Германскиот Историски Музеј“ во Берлин и Музејот „Куќа на историјата“ во Бон.

*Pегина Вониш е историчарка во Австрискиот Универзитет во Виена. Таа е експерт за малцинства и миграциски истражувања.