1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Микрокосмос на германската поделба!

21 септември 2011

Во „Трененпалас“ - „Палатата на солзите“ на некогашниот граничен премин меѓу источен и западен Берлин канцеларката Меркел ја отвори изложбата со автентични предмети кои говорат за секојдевието на поделениот град.

https://p.dw.com/p/12Zwz
Модел на „Трененпалас“Фотографија: DW

Разделби и копнежи, најдежи и очај, радости и стравови...Ваквиот емоционален набој е запечатен во атмосферата на павилјонот од стакло и челик на станицата „Фридрихштрасе“, кој од 1962 та до 1990 беше граничен премин од источниот кон западниот на поделениот Берлин. Оние кои  тука пристигнуваа од Запад, а потоа  си заминуваа назад, од блиските беа пречекувани и испраќани со солзи. Затоа оваа градба на архитектот Хорст Лидериц, која првобитно била замислена како царински пуникт, народот ја нарекол „Палата на солзите“. Деновиве тука е отворена постојаната поставка за секојдневието во некогаш поделениот град, на која се изложени оригинални предмети, печати, униформи, шверцувани  книги, фотографии, па дури и една кабина. Со стегнато грло и насолзени очи во овој клаустофобичен простор  каде се прегледувале пасошите, ја сретнавме седумдесетгодишната Регина. Ја прашуваме: дали  некогаш навистина минала тука:
„Да, вакво нешто доживеа во 1963 година. Имав огромен  страв кога стоев пред службеникот што ми го прегледуваше пасошот.Работев во западен Берлин и сакав во источниот дел да ги посетам пријателите.Тоа беше една толку угнетувачка атмосфера. Не беше добро. Потоа се вратив и работев во западниот дел и уште еднаш никогаш не се вратив на истокот. Ми беше премногу страшно!“, се сеќава Регина.

Недостоинствени контроли

И Јирген од Келн поставката на изложбата го врати  четири децении наназад. Вели, бил на посета и фалело влакно да остане на Истокот.
„Не ме пуштаа да се вратам на Запад. Мојот татко беше политички прогонет и тој пребегна на Запад.  Подоцна не‘ повлече и нас, семејството. Но, нашето презимето беше во картотеката, поради што сакаа да ме задржат. Кажав дека тој од списокот не сум јас, туку таткио ми. Мојата фотографија на патната исправа не беше со брада, која вообичаено ја носам и тоа беше проблем. Подолго од половина час службеникот ме премеруваше, анализираше  и на крајот ме пушти“, се сеќава Јирген, кој не сакаше да си го каже презимето но кој на крај вели дека  всушност најлош бил третманот со луѓето. Ги третирале како да се од пониска класа. Демек тие се газди, а останатите потчинети.
Кај кутиите со детергенти во кои кон Истокот се шверцувале книги и политички магазини ја сретнавме и Уте Шахтен. Таа  кон крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите студирала во западен Берлин и секојдневно била на преминот на „Фридрихштрасе“ зашто живееле  во источниот дел од градот. Јасни ли се спомените од тој период?
„Се обидувам токму сега, преку поставката на изложбата,  да доловам како беше тогаш. Но, не е едноставно да си припомнам. Постојано имав некое чувство на притисок. Царуваше атмосфера на агресивност во која човек се чувствува немоќен. И ова посебно се чувствуваше во кабините во кои човек сам влегуваше. Тој притисок е она што сега повторно го чувствувам...“

Депресивна реалност
 

Jürgen Gesprächspartner
Поради презимето, за влакно Јирген не заглави во ДДРФотографија: DW
Regina Gesprächspartnerin
Во кабините за пасошка контрола беше страшно, вели Регина.Фотографија: DW

„Многу е депресивно кога се гледа што се’ се  случувало во нашата непосредна околина! Што се’ имало во мојата младост и како сето тоа  било прифатено. Тоа е она што ме потресува!“, коментира Александер кој на слушалки ги следеше кажувањата на сведоците. Хелмут, пак, занесено ги гледа снимките на  дваесетината монитори на кои своевремено службениците на Штази ги проверувале минувачите на преминот.
Вели дека на објектот малку и се сеќава.На другите работи воопшто не, но многу убаво в глава ја има последната посета  на источен Берлин.
„Тоа беше време кога мораше да се менуваат германските западни во источните марки. И мораше да се приложи белешка каде се парите сменети и потрошени. Јас тие ливчиња некаде ги изгубив. Бидејќи ги немав, на преминот бев претресен до гола кожа. Не најдоа ни пари - ни белешки“, си припомнува Хелмут. 
Но, за некои од Истокот и на „Трененпалас“ имало привилегии 
„Ја имав среќата кон Запад да патувам службено... И за мене, и за другите кои  патуваа службено, немаше никакви контроли. Само ќе ја покажеш патната исправа и минуваш. Не ги имав видено од внатре ниту кабините за проверка на документите “, кажува  Ноак Шимановски кој во „Сименс“ специјализирал за техничар за компјутерска томографија  и како вели, имал среќа, по службена линија да ја запознае Сојузна Република Германија.

Автор: Силвера Падори-Кленке

"Operative Fernbeobachtungszentrale" des Stasi-Mitarbeiter am Bahnhof Friedrichstraße
Оперативно телевизиско следење Штази имаше и во „Трененпалас“ "Фотографија: DW

Редактор: Жана Ацеска