1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минимална плата во Германија е неопходна?

12 октомври 2011

Во Германија веќе подолго време се води жестока дискусија за тоа дали да се воведе законска минимална плата во земјата. 20 од 27 европски земји веќе го имаат воведено ова правило. Таа се движи од 122 до 1461 евра.

https://p.dw.com/p/12lEw
Фотографија: Klaus Eppele/Fotolia

За Франк Бзирске, шефот на моќното синдикално здружение Верди, прашање на време e кога ќе се воведе законска минимална плата во Германија. Министерката за труд Урсула вон дер Лајен од ЦДУ, пак, гледа сосема поинаку на оваа тема. Таа јасно го отфрли воведувањето на минимална плата во земјата. Меѓутоа, есенва детално ќе се проверат постоечките минимални плати во одредени бранши.

Уште пред 100 години работничкото движење протестираше против ниските месечни плати и за воведување плата која ќе ги задоволи основните потреби на луѓето. До денес, законскиот минималец е тема на бурни дискусии, како кај политичарите, така и кај експертите. Клаус Метеки е експерт за тарифи во Германското синдикално здружение. Тој објаснува зошто според него воведувањето на законски минималец е неопходно:

„Ние го сметаме за неопходен, затоа што сметаме дека е разумен и праведен. Некој кој работи цело работно време, треба да може да живее од платата.”

Здружението на работодавачи има поинакво мислење

Deutschland Arbeit Mindestlohn Putzfrau
Кој работи цело работно време треба да може да живее од плататаФотографија: AP

Раинер Хуке е член на Сојузното здружение на германските работодавачи и одговорен за тарафнита политика и платите. Тој се разбира има сосема спротивно мислење:

„Не постојат статистики дека минималната плата е неопходна. Бројките што се наведуваат за прениските плати не можат да го потврдат тоа.”

Раинер Хуке притоа, се повикува на една студија што се однесува на порастот на нови вработувања во областа на ниски плати, а не резултураат од повисоките групи на приходи. Според него, подобро е да се има работа во областите со ниски примања, отколку да се биде невработен. Освен тоа, според Хуке секогаш постои можност ниските плати со државни додатоци да се доведат до сума која ќе овозможи сигурна егзистенција. Клаус Матеки не може да го разбере ова:

„Сметам дека не е исправно да се очекува овие луѓе да работат под какви било услови за работа. Државата мора да ги исполни своите обврски и кога ќе утврди дека луѓето не можат да живеат од нивната работа, тогаш таа мора да се вклучи, односно да воведе законски минималец. Ова, инаку, во поголемиот дел од европските земји е вообичаено.“

Висината на минималецот во Европа е различна

20 од вкупно 27 земји на ЕУ имаат воведено законска минимална плата на национално ниво. Меѓутоа, висината на минималецот се разликува од земја до земја. Така на пример, за бугарскиот работник најниската месечна плата изнесува 122 евра, додека пак во Ирска месечниот минималец изнесува 1.461 евро. Тоа е разлика од 1.339 евра.

Berlin Demo Samstag 16. Mai 09
Синдикатите се борат за воведување минимална платаФотографија: AP

Поголемиот дел од европските земји и покрај огромните разлики во износот се одлучиле за минимална месечна плата. Па сепак, Германија не мора да им се приклучи на останатите европски земји, смета Раинер Хуке:

„Затоа што искуствата од овие земји треба да ги искористиме во наша полза, а не да ги правиме истите грешки. Во ниту една од овие земји со законски минималец тарифната автономија не игра толку голема улога како во Германија. Влијанието на тарифната автономија во овие земји е драматично мало. Во овие земји висока е стапката на млади невработени луѓе. Вработувањето на младите луѓе е отежнато, поради тоа што почетната цена на трудот со закон се држи високо.“

Малото влијание на тарифната автономија, значи правото на тарифните партнери да преговараат за висина на платите без учество на државата, како и зголемената невработеност кај младите, би биле последица на законскиот минималец.

Освен тоа, претпријатијата може да се чувствуваат принудени да заштедат трошоци на тој начин што ќе укинат работни места.

„Се разбира дека претпријатијата ќе се обидат на сите страни да заштедат трошоци. Но, некаде мора да се повлечат граници. Не може секогаш да се реагира само со факторот трошоци. Поради тоа, мора да постои граница на месечните плати, односно законска минимална плата која треба да изнесува 8 евра и 50 центи”, објаснува Матеки.

BdT Bulgarien Stahlarbeiter streiken
Штрајк на бугарски работници, чиј минималец изнесува 122 евраФотографија: AP

Мислењата на граѓаните се разијдуваат

Според една анкета направена од институтот „Инфратест Димап”, дури 80 проценти од Германците се изјасниле за воведување на законска минимална плата. Но, мислењата на луѓето на улица се разијдуваат.

„Јас сум за законски минималец, затоа што сметам дека е важно сите луѓе да добиваат рамноправна месечна плата,” вели една граѓанка.

„Законскиот минималец има предности и негативности. Од една страна, има смисла да се заработува онолку колку да може да се живее од него, но од друга страна, пак, многу важен критериум е конкурентноста на претпријатијата”, вели еден маж.

„Генерално сум за минималец, затоа што сметам дека општеството може повеќе да профитира од тоа“, вели друга жена.

„Сметам дека законската минимална плата е релативно паметна работа во некои области, но не паушално за сите”, смета, пак, друг човек.

И покрај тоа што владините партии досега го одбиваа законскиот минималец, опозицијата е за воведување на ова правило. Дали и какви политички одлуки ќе бидат донесени, останува да се види. Едно е јасно: дискусијата за воведување на законски минимална плата во Германија најверојатно нема така брзо да престане. 

Автор: Јана Кнабе / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска