1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

060909 Finanzministertreffen Abschluss

6 септември 2009

Самитот на министрите за финансии на земјите од Групата 20, кои вчера во Лондон ги усогласуваа ставовите за претстојниот самит на Г20 во американскиот град Питсбург, донесе, пред се‘, компромиси.

https://p.dw.com/p/JTIp
Тимоти Гајтнер, Кристин Легард и Алистон ДарлингФотографија: AP

По завршувањето на подготвителниот самит, министрите за финансии на земјите од Г20 го оценија како „успешен“. Пред се`, германскиот министер за финансии, Пер Штајнбрик: „Ме радува тоа што едногласно го усвоивме завршниот текст. На некои од учесниците не им беше лесно. Ме радува и одличната германско-француска соработка во овој случај, што многу помогна.“

Колегите на кои, според Штајнбрик, компромисот тешко им падна, беа британскиот и американскиот министер за финансии. Тие се изјаснија против германско-француските планови за ограничувања на исплатата на бонуси за банкарските менаџери. Во компромисниот документ, до кој стигнаа министрите за финансии, не се наведуваат конкретни лимити. Се предвидува односот меѓу бонусите и редовните примања да биде точно определен. Освен тоа, бонусните исплати ќе се исплаќаат во тек, на повеќе години, а во случај на лоши зделки можат да бидат и повлечени. И при втората спорна тема - конјуктурните програми, се постигна компромисно решение. Средствата наменети за помош на конјуктурата не треба да се укинуваат, се` додека економското опоравување не е сигурно во сите земји од Г20.

„Не можете да почнете да се занимавате со стратегии за излез од кризата, кога и понатаму сте во неа и кога имате конјуктура, на која се` уште и` треба помош. Но, мора да се размислува за тоа што треба да се стори, за по завршувањето на кризата со нашето однесување да не придонесеме за следната“, вели Штајнбрик. Тој најмногу стравува од следново: ако и понатаму се „пумпаат“ премногу пари во стопанството, она што следи е, пред се`, тешка инфлација.

Не смееме повторно да ја испуштиме топката од раце

G20 Gipfel in London Großbritannien Finanzminister Treffen
Министрите за финансии на крајот, сепак ,постигнаа компромисФотографија: AP

Сепак, правилата за регулирање на бонусните исплати во иднина се` уште не се утврдени, за нив ќе расправа група експерти, кои до почетокот на самитот на Г20 за три недели, треба да донесат конечна одлука. Француската министерка за финансии, Кристин Лагард истакна дека нема да се откаже од барањата за построга контрола:

„Одлучени сме сериозно да ја следиме оваа работа. Не смееме повторно да ја испуштиме топката од раце. Регулирањето на финансискиот сектор е од големо значење, а исплатите на бонуси се прилично скандалозни. Не смееме да дозволиме работите да се одвиваат како што се одвиваат во моментов.“

Следниот чекор во напорната потрага по компромис меѓу земјите од Г20 е средбата на британскиот премиер Гордон Браун и германската канцеларка Ангела Меркел, вечерва во Берлин. Во Германија веќе се гледаат првите сигнали за заздравување на економијата, додека Велика Британија се` уште е официјално во рецесија. Браун ќе се обиде да ја убеди Меркел да не ги укинува прерано пакетите за помош на конјуктурата:

„Ќе биде огромна грешка ако сега одлучиме да ги укинеме исклучителните мерки, што веќе претходно ги договоривме“, истакна Браун.

Автор: Ралф Борхард / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска