1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировен марш во Скопје

Горан Петрески24 мај 2006

Во пет минути до дванаесет часот заврши мировниот марш на кој повеќе стотици граѓани продефилираа низ улиците на скопската населба Чаир, населбата во која минатата недела во вооружена криминална пресметка загинаа три недолжни момчиња, а шестмина беа ранети.

https://p.dw.com/p/Addw
Никој нема точни податоци колку оружје има кај граѓаните во Македснија
Никој нема точни податоци колку оружје има кај граѓаните во МакедснијаФотографија: AP

Учесниците на протестот маршираа под мотото “Кажи НЕ на оружјето“. Сопственикот на интернет кафето во кое беа убиени трите Албанчиња, вели:“Наместо нашите деца да работат со пенкало, тие треба да земат оружје да се бранат. Не сме слободни да ги пуштиме на училиште. Не се враќаат. Наместо да седат пред компјутер, да го развиваат мозокот, тие се фрлени во контејнер. Тоа така не оди.“

Со роднините и пријателите на убиените деца, денеска маршираа градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити и министерот за образование, Азис Положани. Меџити ја повика полицијата да го реши случајот и да ја засили безбедноста во Чаир:

“Со овој протест сакаме уште еднаш да придонесеме за случајот да биде расчистен и криминалците да бидат осудени. Само на тој начин ќе придонесеме за граѓаните не само во Чаир туку и во цела Македонија да бидат побезбедни.“

Протестната поворка од паркот во Чаир се упати по улицата “Цветан Димов“, до Бит пазар, па преку Старата скопска чаршија се собра на платото пред стоковната куќа “Илинден“. Министерот Положани, од позиција на граѓанин, ги повика институциите да ги спречат трагичните настани во иднина:

“Јас сум тука како граѓанин, за да го осудам овој криминален чин врз децата. Освен тоа што бараме институциите да реагираат поефективно во вакви ситуации, сигурно ќе биде потребна и граѓанска осуда на ваквите појави и вклученост на сите фактори што може да помогнат за вакви немили настани да не се случуваат.“

Артан Груби од градското движење “Разбуди се“, инаку оорганизатор на протестот, кажа: “Се надеваме дека со ова ќе ги разбудиме граѓаните на Скопје од кошмарот во кој што се наоѓаат и да нема веќе вакви случувања, еднаш засекогаш. Сочувство до семејствата и до сите други семејства. Од крајот на конфликтот во 2001-ва, во Скопје има 250 невини жртви, Затоа да прекинеме со ова. Ве молам – да се разбудиме.“