1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мировните разговори меѓу Турција и ПКК во опасност?

Ајхан Шимшек / Елизабета М. Фиданоска14 јануари 2013

По убиствата на трите курдски активистки во Париз минатата недела, и натаму е нејасно кој стои зад убиствата. Постојат шпекулации дека е можно убиствата да се обид за саботажа на мировните разговори меѓу Турција и ПКК:

https://p.dw.com/p/17JTl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нападот во Париз бил насочен најверојатно најмногу кон 56-годишната Сакине Кансиз. Таа е еден од основачите на ПКК во 1978 година. Еден од петте основачи на Работничката партија на Курдистан (ПКК) е и нејзиниот лидер Абдула Оџалан, кој е во затвор во Турција. Сакине Кансиз му припаѓаше на умереното крило на ПКК. Според турскиот весник „Јени сафак“, таа учествувала на тајните разговори меѓу Турција и ПКК во 2010 година. И во поново време таа играла една од клучните улоги при помирувањето на двете спротивставени страни. Наводно, Канзис во декември 2012-та, во Келн се сретнала со претставници на турската влада. Таа имаше политички азил во Франција од 1998 година. Оттогаш беше политички активна во Франција и Германија. Поради нејзините активности за ПКК беше уапсена во 2007 година во Хамбург и во затвор беше 40 дена.

Саботажа на мировните разговори

Зибејир Ајдар, глава на европската ПКК, за турскиот печат изјави дека уште пред две години, на почетокот на тајните разговори со Анкара, бил предупреден дека е можен напад врз него. „Мое лично мислење е, а на тоа укажува и нашата генерална истрага, дека нападот во Париз е обид за саботажа на нашите мировни разговори. Тоа е веројатно дело на таен круг кој е против мир и против преговарачкиот процес“, изјави Ајдар.

Abdullah Ocalan
Абдула Оџалан, лидерот на ПКК; е во затвор во ТурцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Тајните разговори меѓу турската влада и ПКК пред две години пропаднаа, што доведе до нов круг насилство. Оттогаш беа убиени десетици цивили и припадници на безбедносните сили, како и стотици борци на ПКК. Во декември 2012-та турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган иницираше нови преговори со лидерот на ПКК Абдула Оџалан. На тоа го натераа редица работи кои се случуваат на внатрешен и надворешен план, меѓу другото и кризата во Сирија.

Нов обид

Владата на Ердоган овој пат вети транспарентен процес и објави некои од елементарните точки на преговори. Турската влада, според објавеното, планира на курдските граѓани да им даде повеќе политички и културни права, вклучително и поголемо значење на локалната управа и генерална слобода за борците на ПКК. За возврат, владата од ПКК бара прекин на вооружената борба и откажување од барањето за независна и автономна курдска држава. Меѓутоа, убиствата во Париз сега се огромен тест за иднината на мировните разговори.

Конфликт во рамките на ПКК?

„Убиствата се можеби резултат на внатрешен конфликт во ПКК или провокација. Треба да причекаме расчистување на случајот“. Вака турскиот премиер Ердоган се изјасни непосредно по нападите. ПКК, меѓутоа, отфрли дека можеби се работи за внатрешен конфликт. Групации блиски на ПКК претпоставуваат дека зад нападите стои тајна турска паравоена организација или десноекстремни организации.

Symbolbild PKK
Во конфликтот на Турција и ПКК досега животите ги загубија повеќе од 40.000 луѓеФотографија: AFP

Експертот на ПКК Нихат Али Озкан, кој работи во експертската комисија ТЕПАВ во Анкара, предупредува дека не треба да се шпекулира. „Ако ја имаме предвид историјата на ПКК, тогаш има укажувања дека имало убиства внатре во организацијата“, изјави тој за ДВ, додавајќи: „Сепак, би било избрзано да се извлекуваат вакви заклучоци по настаните во Париз.“ Озкан има напишано голем број книги за ПКК и нагласува дека има разлики во рамките на ПКК, на пример во Европа и северен Ирак. „Се разбира дека условите за европската група се поинакви. Членовите кои долго време живеат во Европа по извесен период губат од својата радикалност. Стриктната контрола на европските членови на ПКК од страна на главнио тштаб во Кандил не секогаш е успешна, за разлика од контролата на членовите кои водат вооружена борба во планините или во северен Ирак.“