1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Масакри во ЦАР

Д. Коп / Б. Георгиевски13 февруари 2014

Насилствата во Централно-африканската република излегуваат од контрола и покрај доаѓањето на меѓународните мировници и формирањето на преодна влада. Полски мисионери го известија ДВ за ужасен масакр на западот на земјата

https://p.dw.com/p/1B7PK
Фотографија: DW

По една импулсивна одлука, полскиот францискански свештеник и неговиот централно-африкански колега одлучија на мотор да се упатат кон Нзакун. Она што тие го видоа на влезот на селото, кое се наоѓа на границата со Камерун и Чад, беше ужасно - во повеќе куќи имаше само лешеви. По улиците, расфрлани покуќнина и облека. Повеќето куќи беа изгорени до темел. Насекаде празни патрони и остатоци од муниција. Во воздухот смрдеа од распаднати трупови, крв по ѕидовите, насекаде муви.

„Сме виделе дури и полошо од ова“, не известува францисканскиот свештеник. Името не сака да го каже, преголем е стравот од бунтовниците. „Најмалку 22 убиени, повеќе од 25 куќи се целосно изгорени. Запалени мотори, велосипеди, селската аптека. Луѓето таму се во очајна состојба“. Шокот од виденото сѐ уште е голем. Разбојниците украле сѐ што е вредно: мобилни телефони, храна и единствениот генератор за струја во селото.

Zentralafrikanische Republlik Gewalt Milizen
Фотографија: DW

Убиство без предупредување

Според сведочењето на мештаните, бунтовниците го нападнале селото во ноќта меѓу 3. и 4. февруари. Убивале без предупредување. Меѓу жртвите, кои ги виделе свештениците, биле најмалку тројца мажи, десет жени, пет момчиња и четири девојчиња. За време на нивната посета на Нзакун, село со околу 3.500 жители, им биле покажани и свежите гробови. Врз нив биле ставени садови. Мештаните им објасниле дека бројот на садовите го означува бројот на мртвите во масовната гробница.

„Сите што останале во своите домови, биле убиени“, тврди свештеникот. Тој е убеден дека зад злосторството стојат муслиманските бунтовниците од Селека, кои во март 2013. година го урнаа од власт претседателот на државата Бозизе. Нивниот водач Мишел Џотодиа се прогласи за шеф на државата, и ја распушти Селека, но тие продолжија неконтролирано да дивеат низ земјата, дури и откако тој ја напушти власта во јануари годинава.

Во регионот нема припадници на француските воени сили, ниту на мировниците од Африканската унија. „Повеќепати молев во владата во Бангуи и во француската воена команда, но безуспешно“, вели свештеникот. Мисионерите досега ги одбивале сите понуди на полската влада да бидат евакуирани од Централно-африканската република. „Потребни сме им на луѓето. Тие добро не чуваат, а кога ќе стане премногу опасно, бегаме“.

Zentralafrikanische Republlik Gewalt Milizen
Фотографија: DW

Апел до Меѓународниот суд

Свештениците се обидуваат да постигнат нешто и на дипломатско ниво. Тоа го потврдува и заменик-министерот за надворешни работи на Полска Артур Новак Фар во изјава за ДВ. Извештаите и фотографиите од масакрот во Нзакун тој веќе ги испратил во Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг. Главната обвинителка во судот, Фату Бенсуда, минатата недела веќе најави дека ќе отвори истрага за можни воени злосторства во Централно-африканската република.

Во Бангуи и во другите делови на земјата, насилството не престанува. Во меѓувреме, најмалку две илјади, и христијани и муслимани, ги загубиле животите. Но, со оглед на тоа што надвор од Бангуи тешко се доаѓа до информации, бројката може да е и многу повисока.

Во главниот град Бангуи, главната битка на меѓународните сили засега се води против христијанската Анти Балака милиција. Францускиот генерал Франциско Сориано деновиве ги нарече припадниците на оваа милиција - бандити и криминалци.