1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Михаел Шумахер ја заврши кариерата како светски вицешапион

Арнулф Бетхер / Зоран Јордановски23 октомври 2006

Централен настан и личност на викендот беа последната трка од првенството во автомобилизам формула еден и крајот на кариерата на великанот во тој спорт Михаел Шумахер

https://p.dw.com/p/AehS
Фернандо Алонзо и Михаел Шумахер
Фернандо Алонзо и Михаел ШумахерФотографија: AP

Михаел Шумахер со своите постигнувања се избори за почесно место не само во историјата на автомобилскиот, туку на спортот воопшто. Кариерата ја завршува кога уште е способен за врвни резултати. До претпоследната трка во годинашното првенство и дефектот на моторот во Сузука беше рамо до рамо со бранителот на титулата Алонзо. Вчера во Сао Паоло шансите му беа само минимални – мораше да победи, а главниот конкурент да остане без бодови. Притоа Шумахер во 250-тата, јубилејна и последна трка во кариерата, стартуваше од десетта позиција – повторно поради проблеми со моторот на квалификациониот тренинг, а Алонзо од четврта.

И покрај речиси безизлезната ситуација, и покрај тоа што му пукна гума поради што падна на 17 то место, откако пред тоа веќе се проби на шестото, Михаел Шумахер прикажа извонредна борбеност, на патеката го претекна и Кими Рајконен – но ништо не му помогна за да дојде до посакуваната победа. На крајот беше четврти, зад победникот на трката, колегата до тимот на Ферари Фелипе Маса, кој ја воодушеви домашната публика, Алонзо го освои второто место, а Џенсон Батон од тимот на Хонда беше трет. Така Алонзо по втор пат последовно стана светски првак, како и наговиот тим Рено во конкренција на конструктори, и тргна по шампионските стапки на Михаел Шумахер.

Моменти на триумф како најдобар во светот Шумахер доживеа седум пати, последниот пред две години. 37-годишниот германски возач кариерата ја заврши како светски вицешапион. “Секој човек има своја животна крива линија, ги достигнува своите кулминациони моменти”, вели популарниот “Шуми”. Значи, сега беше поволен момент за простување од спортот, во кој помина 16 години и постави многу рекорди во формула 1: 91 поединечна победа, 68 пол-позиоции, 154 пласмани меѓу тројцата првопласирани, 1369 освоени бодови.

Првата од седумте титули светски првак ја освои во 1994-та година со тимот на Бенетон, предводен од сегашниот шеф на Рено Флавио Бриаторе. За таа титула е врзан и еден од спорните моменти во кариератана Михаел Шумахер: во Аделејд, на трката за Големата награда на Австралија, тој удри во болидот на Дејмон Хил, го онеспособи да ја заврши трката и со тоа ја освои титулата со само еден бод предност. Потези како овој или подоцнежниот сличен инцидент со Жак Вилнев, или победи диригирани од боксот кога клупските колеги мораа да го пропуштат за да дојде на чело, оставаат по некоја дамка на спортскиот лик на Шумахер, но неспорно за сите е неговото мајсторство во управувањето со болидите.

Шумахер со Ферари освои пет светски титули, повеќе од било кој што возел за италијанскиот тим. Оттука и предлогот на Лучија Бурзи, градоначалник на Маранело, седиштето на Ферари, Михаел Шумахер да биде прогласен за почесен граѓанин. Тој, инаку, постојано ја истакнуваше семејната атмосфера во тимот на Ферари, но најголема подршка имаше во сопругата Корина и двете деца, 9-годишната ќерка Џина Мариа, и седумгодишниот син Мик. “Кога си доаѓам дома, тогаш спортот е тема само за сосем кратко време. Децата се радуваат и сакаат да си играат со тато на трамбулина или што и да било друго да прават” – вели Шумахер.

Долго време се шпекулираше за можен крај на кариерата или за преселба во друг тим. Но, во септември во Монца тој го објави повлекувањето: “Кога и да е едноставно доаѓа моментот кога мора да се помисли и на иднината. А за иднината јас не гледам веќе можности да изнајдам сила и енергија неопходни за да можам да бидам конкурентно способен и натамошни години во формула 1”.

Во Германија “Шуми” веќе стана легенда. Капитенот на фудбалската репрезентација Михаел Балак вели: “Штета е кога еден таков спортист се откажува, секогаш е штета. Тој постигна неверојатно многу, не само за формула 1, туку за целиот спорт и за Германија како нејзин репрезентант”. Германскиот канцелар Ангела Меркел во писмо до Шумахер му оддава нему признание како на еден од најголемите великани на германскиот спорт, во ист ред со Макс Шмелинг, Фриц Валтер, Франц Бекенбауер, Борис Бекер и Штефи Граф.

А навивачите? “Ах, Михаел, како навивачи, се разбира, ти посакуваме се’ најдобро”. “Тој е и останува наш идол”. “Мислам дека е тој светски првак на на нашите срца” – тоа се дел од нивните пораки до човекот кому му се воодушевуваа.