Мицкоски бара избори: Заев да падне, Македонија да победи!

Парламентарни избори заедно со претседателските е новото барање на Мицкоски, кој смета дека тоа е единствен одговор за поразување на политиките на Заев.

Распуштање на парламентот и одржување вонредни парламентарни избори во пакет со претседателските, побара вечерва лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„На тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и со тоа ќе биде испочитувана волјата на народот. Вие граѓаните давате, вие земате. Заев ќе падне, Македонија ќе победи. Граѓаните ќе кажат дали се за Северна Македонија на Заев, обвиена во црнила, срам и понижувања, или за напредна и почитувана држава", рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ смета оти промената на Уставот со цел промена на името, идентитетот, историјата и образованието се направени на противуставен и криминален начин.

„Тоа е одлука на 81 пратеник, но не е одлука на граѓаните. Сето ова е чин на предавство. Со Договорот се донесува огромна штета и неправда на македонската држава и граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе стори се’ оваа неправда да биде исправена. Денеска се покажа дека Македонија со Заев губи и ако останат на власт Македонија ќе продолжи да губи на сите полиња. Ова мора да престане и ќе се промени само доколку овие луѓе си заминат од власт", рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, изборите се единствен одговор по она што Зоран Заев и‘ го направил на Република Македонија, како лидер на СДСМ и како премиер, особено на денешниот ден, кој Мицкоски го нарече „црн петок".

Повеќе: 

„Преспа“ помина во Скопје, на ред е Атина

Берлин со итна реакција по одлуката за уставните измени

Запрашан како ќе постапи партијата ако нема договор за парламентарни избори, рече дека понатаму ќе ги соопштат нејзините натамошни чекори. Тој не одговори директно на прашањето дали е можно партијата да ја напушти работата на парламентот и само кусо изјави дека „сите опции се отворени". 

Однесувањето на неговата партијата во изминатиот период го оцени како „конзистентно".

Поврзана содржина

Теми

Следете нѐ