1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Не ја поминавме црвената линија

27 јули 2022

Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

https://p.dw.com/p/4EhMI
Nord-Mazedonien DW Interview Hristijan Mickovski
Фотографија: DW/B. Georgievski

Токму за време на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата, Александар Николоски на Будимпешта, каде остварија средба со Виктор Орбан -  премиер на Унгарија и претседател на нивната сестринска партија ФИДЕС, еврокомесарот за проширување, Унгарецот Оливер Вархеји, во интервју за Еуроактив упати  критики до македонската опозиција -  дека таа ги поминала основните демократски црвени линии во дејствувањето против францускиот предлог.

„За Северна Македонија ова треба да биде момент за отрезнување, и за опозицијата. Палењето документи во пленарна сала, туркањето на луѓето во насилство и поттикнувањето омраза не носат ништо, само штета. Постојат многу јасни граници за  европскиот начин на водење политика,  многу јасни граници за цивилизираната политика, а моја процена е дека многу од тие црвени линии беа поминати од опозицијата“, изјави меѓудругото Вархеји.

За оваа критика и за тековните активности на ВМРО-ДПМНЕ, ДВ побара одговор од нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.

ДВ: Ги поминавте ли црвените линии?

-Сметам дека единствените црвени линии кои беа поминати беа тие на распродажбата на македонскиот идентитет, грубата трговија со нашите историски наследства и културни обележја врз кои како народ ја градиме нашата држава и го негуваме нашиот идентитет. Познавајќи ја европската бирократија, го разбирам господинот Вархеји кој како политичар во ЕУ сака уште едно завршено поглавје на своето биро, уште едно затворено прашање. И воедно, јасно ми е дека од негова гледна точка тешко е да се разбере она што за нас е исклучително важно, а тоа е  нашиот идентитет и правото како немногуброен народ да опстоиме и тоа во состојба кога нашиот сосед има аспирации и неоправдано нѐ блокира, искористувајќи ја слабата и корумпирана влада, која не можејќи да испорача резултати - тргува со идентитетските обележја. Но исто така и комесарот треба да сфати дека во ситуација кога никој од владата не ја консултираше опозицијата при изработка на документот кој беше усвоен како преговарачка рамка, кога целосно беше игнорирана опозицијата и нашите барања јавно да се објави текстот од протоколот каде седат бугарските мегаломански барања, кога се прифати преговарачка рамка по која немаме вистински старт на преговорите туку обична фото-сесија и истите проблеми кои останаа, единствената црвена линија која се помина е таа на здравиот разум, на идентитетското распознавање на Македонија и народот како и бескрајната толеранција на Европската Унија на неразумните блокади и тапкањето во место. Воедно и Европската Унија го троши својот кредибилитет кога се удоволуваат мегаломанските барања на поединечни држави. Единствено што сакам и на што опстојувам е доследно почитување на вредностите врз кои почива ЕУ, а тоа е почитување на различностите, на силно вреднување на солидарноста, затоа што ниту Европа ниту Бугарија ќе има поголема корист од тоа што криминална влада и условени политичари исполниле мегаломански барања преку кои довеле една земја и народ во потчинета состојба.

ДВ: Дали на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан ви беше пренесена слична порака, со оглед дека Вархеји потекнува од истата политичка опција?

-Не,  разговорите со премиерот на Унгарија, Орбан,  воопшто не беа во тој дух. Напротив. Тој е пријател на Македонија и голем поддржувач на стратешките интереси. Одблиску го запознав со деталите околу преговарачката рамка, и тоа што нам ни пречи, а тоа е правото кое се дозволува на земја членка на Унијата да ги менува нашите учебници, нашиот Устав, да го негира нашиот јазик, а за возврат ние сѐ уште да сме пред портите на ЕУ, сѐ додека некој од Бугарија не рече - доволно е обезличување, сега можете да влезете. Разговаравме и за состојбите во регионот, енергетската криза и ред други теми и прашања. Пријателска и средечна средба.

ДВ: Вашите опоненти велат дека со ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште раководи Никола Груевски, дека оттаму добивате инструкции, а има и јавно искажани сомневања дека заедно со Груевски сте биле на средба кај Орбан...

-Смешни се тие обвинувања и само ја покажуваат немоќта на СДСМ и нивните инсталации наменети да ја шират нивната невистинита пропаганда. Таквите дезинформации се и дефокус од реалните теми кои ги интересираат граѓаните, како што е инфлацијата, енергетската криза и асимилација преку прифаќање на протокол кој јавноста го виде откако се потпиша. Можеше да се претпостават реакциите на СДСМ, тие се истите копи-пејст од минатиот пат кога се видов со Орбан. Јасно им е и на тие инсталации позади кои седи интересот на СДСМ, дека доаѓа ВМРО-ДПМНЕ и сега преку ваков или сличен притисок тие инсталации сакаат да фатат приклучок. Тоа е јасен показател дека ВМРО-ДПМНЕ е реструктуирана, реформирана народна партија за македонско национално единство. Додека јас сум претседател ВМРО-ДПМНЕ ќе биде народна партија која ќе се темели на чест, работа и напредок, нема таков полусвет да крои политики во ВМРО-ДПМНЕ.

ДВ: Течат вашите консултации за референдумското прашање, но и шпекулации дека Собранието ќе се прогласи за ненадлежно околу распишување на референдумот, бидејќи рамката ја усвојува Владата и тоа не е прашање во надлежност на Собранието. Што очекувате?

-Не се сомневам дека власта ќе направи сѐ само за да не се соочи со народот. Бегаат од референдум, бегаат од избори, а суштината е дека бегаат од народот. Ако Собранието било ненадлежно, зошто тогаш носеа заклучоци... На крајот, во заклучоците стои дека Собранието ѝ препорачува на Владата да ја усвои и прифати предложената рамка. И тука нема бегање преку барање на процедурално алиби. Воедно за сите детали околу самото прашање референдум, консултациите се во тек и во втората половина на наредниот месец ќе излеземе со прецизни решенија кои ќе значат плебицитарно изјаснување на народот и давање на можност да се срушат овие штетни политики и очигледни блокади.

ДВ: Наќе Чулев, кој беше ваш партиски предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада, соопшти дека по 25 години повеќе не е дел од безбедносниот систем. Од Агенцијата за разузнавање објаснија дека до овој момент Чулев нема добиено отказ од АР, туку е суспендиран од работа, а причина за тоа било добиено Решение од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Знаете ли за што точно станува збор во овој случај?

-Наќе Чулев е врвен професионалец кој повеќе од 25 години работи во безбедносните структури, штитејќи го уставниот поредок и безбедноста на Македонија. Тоа парче хартија кое се пишува во политичките кабинети на безбедносните служби е само хартија каде по партиска директива и со мериторно мислење се прави партиски реваншизам. Изговорот е дека Чулев бил екстремист и радикал, а тој секогаш бил во првите редови за Македонија. Одземањето на безбедносниот сертификат е политичка нарачка. Впрочем причините за неговото отпуштање од службата по цели 25 години работа за Македонија е зашто Чулев им ги ловеше криминалите. Е затоа, за жал, во Македонија се останува без работа. Мојата целосна поддршка е за Чулев и знам дека нема никаква грешка направено, затоа што за мене е доблест, а не е грешка сакањето и работењето за Македонија.