1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мишел Обама највлијателна жена во светот

7 октомври 2010

Американското списание „Форбс“ ја објави листата на највлијателни жени во светот. Германската канцеларка веќе не го држи првото место, а меѓу највлијателните десет се најде американската пејачка Лејди Гага.

https://p.dw.com/p/PXie
Првата дама на САД сега прва и на листата на „Форбс“Фотографија: picture-alliance / dpa

По првата дама на САД, Мишел Обама, на второ место на листата се наоѓа Ирене Розенфелд, извршниот директор на компанијата „Крафт фудс“, додека третата позиција и` припадна на американската телевизиска водителка Опра Винфри, која следната година ќе го заврши своето телевизиско шоу, кое се емитува цели 25 години. 

Четвртото место и` припадна на германската канцеларка Ангела Меркел, која лани се наоѓаше на тронот.

На петтата позиција се наоѓа американскиот државен секретар Хилари Клинтон, по неа следува извршниот директор на компанијата „Пепси Ко.“ Индра Нуи, а на седмото место е поп-пејачката Лејди Гага.

Останатите три места до топ 10 им припаднаа на извршниот директор на австралиската финансиска компанија „Вестпак банкинг“ Гејл Кели, пејачката Бијонсе и актерката и телевизиски водител Елен де Џенерис.

Модната икона во борба против килограмите

USA MTV Video Music Awards Lady Gaga
Лејди Гага се искачува и на листата највлијателни жениФотографија: AP

Потпретседателот и уредник на женското издание на списанието „Форбс“, Мојра Форбс, потврди дека Мишел Обама се наоѓа на водечката позиција на листата на стоте највлијателни жени на планетава поради тоа што се смета за „модна икона и атлетски градена мајка на две деца“. Освен тоа, Мишел е популарна во општеството поради кампањата за водење здрав начин на живот и борбата против вишокот килограми меѓу децата.

Како одговор на оваа кампања, американските прехранбени компании се ангажираа да ги намалат калориите во храната која тие ја произведуваат до 2015 година.

Меѓу стоте највлијателни жени во светот се наоѓаат и аргентинската претседателка Кристина Фернандез на 68-то место, кралицата на Јордан Ранија на 76-та позиција, костариканската претседателка Лаура Чинчила се наоѓа на 83-то место, а пак, кандидатката за претседател на Бразил, Дилма Русеф, ја освои 95-та позиција на листата на американското издание. 

Автор: ТТ/ЕМФ/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска